Царовска: Средношколците имаат право на матура, а МОН има обврска да им ја обезбеди

Макфакс

25/01/2021

18:27

1.138

Големина на фонт

а а а

Министерството за образование и наука има законска обврска да им обезбеди право на полагање државна матура на учениците, особено на оние што сакаат да продолжат во високо образование. Ова го нагласи министерската за образование и наука, Мила Царовска, одговарајќи на новинарско прашање за бојкотот на наставата од дел на средношколците.

„Од првиот ден откако сум во МОН, ние сме во континуирана соработка и разговори со Сојузот на средношколците. Тие имаат разни размислувања и разни барања. Последниот состанок беше пред една недела на кој утврдивме дека матурата оваа година се одвива во согласност со законот. Средното образование е задолжително во државата и токму затоа е важно да го почитуваме правото на учениците што сакаат да полагаат матура“, изјави Царовска.

На утринскиот состанок директорите на средните училишта информирале дека бојкотираат само некои од учениците.

„Важно е учениците да ги прочитаат и концепцијата за матура и законот и да одлучат на кој начин ќе полагаат матура оваа година. Министерство за образование и наука и општините што директно менаџираат со средните училишта имаат обврска да го обезбедат правото на учениците што сакаат да полагаат матура. Учениците што не сакаат да полагаат државна матура имаат можност да полагаат училишна матура. Токму таму има два предмета и проектна задача или оние што се во стручните училишта имаат можност да полагаат стручен испит, исто два дела – еден задолжителен предмет, еден изборен предмет и проектна задача. Затоа велам, државната матура е изборна, а наша обврска како Министерство е да го обезбедиме правото на полагање матура, особено на оние ученици што сакаат да го продолжат своето образование во високообразовни установи во нашата држава и надвор од неа. Минатата година бевме негативен исклучок во регионот и светот и наши ученици не успеаја да се запишат на високорангирани универзитети во светот“, рече Царовска.

Според податоците од училиштата, полагање матура имаат пријавено над 14.000 матуранти, а испитите ќе се одржат според концепцијата утврдена уште на почетокот на оваа учебна година.



Спонзорирани линкови

Маркетинг