Од смртта на неповторливиот Диего Армандо Марадона поминаа точно десет дена, но најблиското опкружување на Карлос Салвадор Билардо се уште успева да одолее во извршувањето на крајно тешката задача, односно успева трагичната вест да не допре до легендарниот фудбалски стручњак кој се наоѓа во тешка состојба.
Братот на Билардо, Хорхе уште на денот кога почина големиот Дон Диего и откри на јавноста дека ги изгасил сите конекции за телевизија во клиниката во која се наоѓа Карлос, но таквиот тренд трае се уште и сите се обидуваат да ја сокријат тажната вест поради неговата нестабилна здравствена состојба.
Билардо има сериозно невролошка нарушување и со синдромот Хаким-Адамс се бори подолго време, а бидејќи се стравува дека ужасната вест за смртта на Марадона може многу негативно да влијае врз неговото здравје, се преземаат секакви чекори оваа вест да не стигне до него.
Братот Хорхе е свесен дека тоа не може да се крие вечно, па веќе подготвува терен за соопштување на најнепосакуваната вест откако во изминативе десет дена му објаснувал на својот брат дека има технички проблеми со телевизиската мрежа и успеал да го утеши со Нетфликс. Идејата на Хорхе е лошата вест да му ја соопштат неколку членови од златната генерација од 1986-та година, предводени од Оскар Ругери кој веќе прифатил да биде дел од оваа група.
– Ова е вест која 20 дена ќе биде во медиумите и тоа ја прави ситуацијата комплицирана за сите нас. Билардо гледа многу телевизија и сака да гледа фудбал. Веќе зборував со Ругери и тој ќе зборува со уште двајца или тројца момци и ќе дојдат да го посетат. Ќе видиме како ќе реагира и што ќе се случи, – открива братот на Билардо.
Карлос Салвадор Билардо инаку е тренерот кој ја предводеше Аргентината до светската титула во споменатата 1986-та година, па како човек кој спортски, емотивно и пријателски е приврзан со Марадона, сигурно нема лесно да ја поднесе веста која веќе расплака милиони фудбалски фанови.
– Диего имаше огромно значење во животот на Карлос, нивните семејства се зближија и затоа оваа вест е многу чувствителна со оглед неговата состојба, – додава Хорхе.