Одложено првото рочиште за „Моќник“ поради коронавирус

Макфакс

25/11/2020

12:28

543

Големина на фонт

а а а

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, обвинет во случајот „Моќник“ кој се однесува на продажба на имот, во село Ижишта, сопственост на Македонски Брод, по првото рочиште кое беше одложено, рече дека обвинението е компромитирано.

Според него, случајот е политички мотивиран, а Обвинителството нема издржани докази. Првото рочиште беше одложено бидејќи дел од обвинетите и адвокатите доставиле решенија со кои им е одредена самоизолација поради коронавирусот.

„Станува збор за политички мотивиран случај. Обвинението е компромитирано, тоа е почнато како истрага Катица Јанева, која видовме дека се занимавала со рекетирање. Го продолжува нејзината другарка Фетаи, која ДЗР утврди дека незаконски земала 87 илјади денари хонорари. Дел од Обвинителството е под силно влијание на Владата и очекувам, Обвинителството да го користи аргументот на силата. Ние ќе користиме докази, за да докажеме дека станува збор за правно неоснован случај. Обвинението ако го прочитате ќе видите дека е паушален и без издржани докази. Затоа сметам дека станува збор за политички мотивиран случај. Јас не би го коментирал судот, само Обвинителството. Кои се нашите најсилни аргументи ќе кажеме на самите рочишта“, рече Милошоски по првото судење.

Освен пратеникот, во случајот се обвинети уште 12 лица. Милошоски се гони за злоупотреба на службената положба и овластувања и измама. Прво и второобвинети во случајот се таткото пратеникот Милош Милошоски и ексградоначалникот на Македонски Брод, Милосим Војнески.

Според обвинението, Милошоски се товари дека како пратеник вршел континуиран притисок во органите на државната управа, Државното правобранителство и судовите за да не се поништи купопродажбата, со што овозможил да се реализира последицата од делото.

„Во текот на 2011 година прво и второ обвинетиот, заеднички, со намера првообвинетиот да прибави противправна имотна корист ги довеле во заблуда советниците во Советот на општина Македонски Брод, со лажно прикажување и со прикривање на факти за правниот статус и вистинската вредност на недвижностите – предмет на продажба. Тие ги навеле советниците да изгласаат одлука за отуѓување на недвижен имот за кој советниците сметале дека е „поранешниот задружен дом“, а всушност одобриле отуѓување на зграда со корисна површина од 157м2 со дворно место од 3.920 м2 во с.Ижишта-Општина Македонски Брод, која ја користела општина Пласница, соопштија од обвинителство“, стои во обвинителниот акт.



Спонзорирани линкови

Маркетинг