Премиерот и преговарачкиот тим во коалицијата ќе одлучат кој ќе биде нов министер за здравство на местото на Арбен Таравари кој излезе од Владата, рече денес министерката за образование Весна Јаневска. Дека се спомнува нејзиното име во пресметките за распределба на ресорите во владината коалиција рече дека дознала од медиумите по изјавата на Билал Касами кој вчера кажа дека „Вреди“ ќе го добие ресорот образование, а ВМРО-ДПМНЕ здравството.
„Прочитав во медиумите, но во овој момент јас како министерка за образование и наука имам толку многу работа да доработам за цел мандат, нели, што навистина не мислам, ниту сум вклучена во тие преговори. Има одговорно лице кое ќе каже како треба да биде“, вели министерката Јаневска која денес присуствуваше на панел-дискусијата на тема „Образование на иднината: градење лидери, мислители и иноватори“ на 14. Самит на Македонија 2025,
На прашањето дали ќе прифати доколку и го предложат функцијата во Здравство, не даде конкретен одговор.
„Сосема е рано да се размислува за такво нешто. Кажав кои се одговорни, кога ќе дојде тој момент тогаш ќе разговараме“, рече министерката Јаневска.
Највисокото раководство на Алијанса за Албанците, чиј лидер е Арбен Таравари, синоќа и официјално одлучи партијата да оди во опозиција.
Освен Таравари, од Алијанса за Албанците во овој владин состав е и заменик – претседателот на Влада задолжен за добро владеење, Арбен Фетаи.