Турција синоќа објави дека во последното деноноќие се регистрирани 141 смртни случаи како последица на коронавирус, што е најголем број досега во оваа земја.
После најновите бројки кои ги соопшти Министерството за здравство, бројот на починати како последица на коронавирусот во Турција се искачи на 12,084, додека пак досега се потврдени нешто повеќе од 435 илјади случаи.
Претходниот црн рекорд беше регистриран на 19-ти април кога починаа 127 лица како последица на вирусот.
Најновите податоци беа објавени недолго пред на сила да стапат низа на мерки чија цел е да го сопрат ширењето на вирусот. Така, рестораните и баровите ќе можат да продаваат храна исклучиво за носење, а на сила стапува и полициски час кој трае од 20:00 до 10:00 часот.
Откако минатиот вторник беа најавени рестрикциите, претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган предупреди дека Владата ќе мора да размисли за воведување и на уште построги мерки доколку ситуацијата се влоши.