Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, на собраниска седница истакна дека проектот Чебрен и Галиште ќе ја зајакне стратешката позиција на државата, обезбедувајќи електрична енергија, акумулација на вода и можности за развој на туризмот и економијата.
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски на денешната собраниска седница за пратенички прашања, истакна дека со проектот Чебрен и Галиште драматично ќе се зајакне стратешката позиција на државата, односно дека проектот стратешки може да ја зајакне позицијата на државата која за жал не излегува на море и тој ќе биде таа предност која ја имаме, имајќи ги предвид климатските промени, потребата за вода, но и туризмот и производството на електрична енергија.
„Јас сум убеден дека овој проект Чебрен и Галиште има стратешко значење, не само заради производство на електрична енергија, туку и за други намени. Да споменам дека во април месец оваа година, за прв пат после не знам колку време, производството на електрична енергија покрива 88,8% од вкупниот конзум кај нас, значи ние се приближуваме веќе до целосно да можеме да го покриваме она кое што го трошиме од аспект на електрична енергија, а рековме цел на оваа влада е во мандатот да имаме година кога ќе бидеме нето извозник, на крај на годината кога ќе се сумираат билансите, тоа што сме го произвеле и тоа што сме го консумирале и тоа што сме го извезле да биде споредливо, односно да извезуваме електрична енергија, тоа беше целта како влада и ценам дека тоа го правиме“, посочи Мицкоски.
Премиерот воедно додаде дека состојбата во ЕЛЕМ е консолидирана од 7-8% акумулации и минус 150 милиони евра сега ќе оди во плус десетина и околу 80% состојба на акумулации и тоа во ек на сезона на наводнување, што како што рече, значи се работи посветено, а на тоа се додава и фактот дека следната година ќе заврши гасниот интерконектор со Грција, објавен е тендерот за интерконекторот со Србија, пуштен е продуктиводот од солунското пристаниште со ОКТА, а ги заживуваат Штип-Велес гасоводот, гасоводот до Кичево, отсечката за влез до Косово, рестартиран далноводот со Албанија, за да бидеме раскрсница на Балканот.
„Кога ќе се анализира целокупната слика дојдовме до една фаза кога можеме да бидеме горди на тоа што го правиме. Она кое што за нас преставува вистински предизвик и се спремаме, тоа е проектот Чебрен и Галиште и тука имаме два концепти кои се спротивставени од правна гледна точка инаку во суштина не се, тоа е првиот да ние направиме синдикат на заемодаватели, меѓународни финансиски институции кои ќе обезбедат пари со доволен грејс период додека трае градбата, и потоа во одреден период да почнеме со поврат, односно АД ЕСМ. И вториот концепт е да одиме со јавно приватно партнерство. Лично и како човек од фелата и универзитетски професор, а сега и претседател на македонската Влада, ценам дека за првиот концепт треба да ги исцрпиме сите можности за да го реализираме, имајќи ги предвид климатските промени ценам дека не само на нас како држава и на регионот ни се потребни два вакви сериозни проекти кои ќе обезбедат дополнителни количини на вода, не само за производство на електрична енергија, туку и за наводнување да речеме на Тиквешко Поле. Ценам дека еден ваков проект повеќенаменски може да допринесе многу, трето да го заживее тој крај, Мариово, може да се развива како туристички центар. Така што овој проект Чебрен и Галиште треба да се гледа како стратешки проект, а не како проект за енергетика и производство на електрична енергија, тоа е така се сложувам ќе биде драјвер на економијата, допринесе во БДП, една милијарда и 300 милиони до 500 милиони отприлика очекуваме да чини, ќе го подобри капацитетот на електроенергетскиот систем“, потенцираше Мицкоски.















