Не постојат бројни докази кои укажуваат дека чадот од белите дробови на пушачите кои имаат коронавирус може да зарази друго лице, но американските истражувачи кои се занимавале со ова прашање тврдат дека „со вдишувањето на чадот од цигарите, вдишувате и воздух од нечии бели дробови“, пренесува „Washington Post“.
Вилијам Ристенпарт, професор на универзитетот Калифорнија во градот Дејвис, изјавил дека мала е веројатноста честичките од чадот од цигарите да го пренесат вирусот на друго лице.
„Тоа е најмногу поради фактот дека топлината од цигарата веројатно го убива вирусот“, изјавил Ристенпарт.
Меѓутоа, постојат мали причини за загриженост околу заразувањето ако вдишете чад од нечии бели дробови - респираторните честички, преку чадот се движат кон вас.
„Ако почувствувате чад од цигари кој некој го исфрлил од белите дробови, тоа значи дека го вдишувате и воздухот кој се наоѓал во овој орган на пушачот. Тоа значи дека би можеле да ги вдишете и неговите респираторни честички полни со вирусот, кои се состојат од респираторен слуз, а не од пепел“, додал професорот.
Денес е јасно дека коронавирусот се пренесува преку капки, но и по воздушен пат. Она што е исто така извесно е тоа што пушачите мора да ја тргнат заштитната маска при пушењето цигара.
Самиот престој околу лица кои не носат маска е ризик сам по себе, а уште полошо е тоа што пушачите посилно го исфрлаат воздухот од белите дробови, дувајќи го чадот.
„Некој кој не пуши исфрла респираторни честички до 2 метри, но чадот од цигарата кој пушачите го исфрлаат може да патува и до 4 метри“, изјавил Херман Гацамбид, пулмолог од Орландо.
Алберт Рико, шеф на американската пулмолошка служба, вели дека пушачите „не само што потенцијално можат да го шират вирусот, неносејќи маска, туку исфрлаат и капки во околината со кои можат да ги заразат останатите“.