Независниот синдикат за образование и наука (НСОН) поднесе барања за средба до министерката за образование и наука, Мила Царовска, со цел презентирање и надминување на проблемите со кои се соочуваат наставниците.
Од синдикатот велат дека МОН не го почитува приватниот живот на наставниците и дека на повеќето од нив работниот ден им трае и повеќе од осум часа.
„На дел од колегите им е двојно зголемен работниот учинок односно двојно им е зголемен фондот на часови што е спротивно на законот за наставници и стручни соработници, а со тоа работните обврски во денот им надминуваат и над 8 часа во денот. Исто така, МОН не го почитува приватниот живот и работното време на наставниците, со тоа што доставува работни задачи до наставниците во 23.00 часот и бара истите да бидат завршени во утринските часови на наредниот ден“, велат од синдикатот.
Од таму додаваат и дека во најголем дел од училиштата, работодавачот нема обезбедно компјутер односно средство за работа за онлајн настава, а како резултат на тоа во некои училишта, велат од синдикатот, директорите ги присилуваат колегите сами да си набават компјутер без да имаат во обзир дека и наставниците имаат свои семејство и деца на кои треба да им обезбедат услови за следење на онлајн настава.