Лоши вести за Трамп: Вакцината против коронавирус нема да биде достапна пред изборите

Точка

01/10/2020

16:32

1.472

Големина на фонт

а а а

Американската биотехнолошка компанија „Модерна“ нема да бара итна авторизација на својата вакцина против коронавирус до американските претседателски избори, потврди првиот човек на компанијата, Стефан Бансел за "The Financial Times".

Ова е лоша вест за американскиот претседател Доналд Трамп кој се надеваше дека вакцината против коронавирусот ќе биде достапна пред претседателските избори и тоа ќе му донесе значајни политички поени.

„На 25-ти ноември ќе имаме доволно информации за итна авторизација кои ќе ги испратиме до Агенцијата за храна и лекови - ако претпоставиме дека доказите за безбедноста на вакцината се добри, односно дека вакцината е безбедна“, изјави Бансел.

Аналитичарите сметаат дека Трамп, чија поддршка опадна поради справувањето со кризата на неговата администрација, би можел да се вмеша во контролниот процес на развојот на вакцината од политички причини.


Трамп тврдењето за подготвеноста на вакцината пред изборите ја повтори и во вторникот навечер во текот на дебатата со Џо Бајден.

Вакцината на компанијата „Модерна“ е едно од 11-те експериментални вакцини против коронавирусот во финалните испитувања. Уште една вакцина развива и „Пфизер“ од каде што најавија дека компанијата би можела да има јасен одговор до октомври дали нивната вакцина ќе функционира пред изборите.

Најголемиот број на експерти се скептични во врска со тоа, сметајќи дека тестирањата кои траат нема да ги имаат статистичките податоци за да ја докажат безбедноста и ефикасноста на вакцината до тој момент.


Првиот човек на „Пфизер“, Алберт Бурла демантираше дека неговата компанија се обидува да ја пласира вакцината пред одржувањето на претседателските избори на 3-ти ноември.

„За мене, изборниот ден е обичен ден. Така функционираме. Ако можеме да ја претставиме вакцината порано, тогаш тоа и ќе го сториме“, изјави Бурла.