Шведската стратегија за борба против коронавирусот очигледно се исплатела, е мислењето на се поголем број на меѓународни експерти, а во тоа се уверени и здравствените власти во таа земја.
Главниот шведски епидемиолог, Андерс Тегнел, вели дека е охрабрен од податоците според кои последните седмици значително се намалил бројот на тешки случаи на коронавирус.
"Епидемијата сега забавува, на начин на кој мислам дека мал број од нас веруваа пред една недела или повеќе", рекол Тегнел на прес-конференцијата.
Тој вели дека дневната стапка на смртност од Ковид-19, како и бројот на заразени на интензивна нега постепено забавуваат од април.
"Тоа е навистина уште еден знак дека шведската стратегија делува. Можно е брзо да се забави заразата со мерките кои ги преземаме во Шведска", рекол Тегнел.
Последните денови бројот на новозаразени бил околу 100, а вчера биле забележани само 20. Бројот на починати вчера бил 10, но десетина дена бројот бил едноцифрен.
Шведска очекува три сценарија
Шведска, која веќе ја има една од најцрните статистики за смртни случаи од коронавирус на жител, во вторникот соопшти дека е можно сценарио за уште 3.000 смртни случаи.
Оваа прогноза е од едно од трите сценарија што ги има шведската Агенција за јавно здравје во поглед на епидемијата.
Шведска во вторникот имаше вкупно 5.646 смртни случаи и 78.166 потврдени инфекции, што ја прави меѓу најтешко погодените земји во светот, иако властите истакнуваат дека инфекцијата забавува, како и дека се намалува бројот на сериозни и смртни случаи.
Според Агенцијата, најверојатно сценарио е дека кога ќе се забави епидемијата, ќе се создадат жаришта во целата земја, што ќе биде полесно или потешко да се контролираат.
„Тоа е сценарио што е веќе видено во другите делови на светот и се чини дека е вообичаена рута по која се движи Ковид-19“, рече главниот епидемиолог Андерс Тегнел.
„Во таа варијанта, поради олеснувањето на мерките, стапката на инфекција би се зголемила бргу бидејќи луѓето би се дружеле повеќе, но исто така бргу и би почнала да паѓа во моментот кога населението ќе сфати дека постои ризик и ќе почне посериозно да се придржува кон одредени правила, како што е физичката оддалеченост“, објаснува Тегнел. Според ова сценарио, би умреле уште приближно 3.200 луѓе.
Во најлошото сценарио се предвидени уште 5.800 смртни случаи доколку коронавирусот и натаму го следи класичниот пат на пандемија.
Најдоброто сценарио е она во кое сегашниот тренд би продолжил и тогаш нема да има повеќе од 200 мртви.