Оперативецот на Кремљ: Кој е Кирил Дмитириев?

Точка

26/11/2025

21:26

915

Големина на фонт

а а а

Улогата на Кирил Дмитриев во руската надворешна политика е сè поголема. Кој е тој и каква е неговата врска со Владимир Путин?

Кирил Дмитриев, шефот на рускиот државен инвестициски фонд (RDIF), се смета за еден од архитектите на планот на Трамп од 28 точки за мир во Украина, пишува Дојче Веле. Дипломирал на Стенфорд и не само дека може да се пофали со блиска врска со зетот на Трамп, Џаред Кушнер, туку и со влијателни лица ширум арапскиот свет. Таквата биографија, заедно со неговото богато работно искуство, но и врската со семејството на претседателот Владимир Путин, го направиле идеален избор за улогата на руски неофицијален, алтернативен преговарач.


Еден од каналите на руската дипломатија

Од јануари 2025 година, по почетокот на вториот претседателски мандат на Доналд Трамп, неговото значење за Кремљ се зголемило. Тогаш Дмитриев се појавил како еден од главните руски преговарачи во мировните преговори за Украина, но и како еден од главните актери во пошироките руско-американски односи.

Во февруари 2025 година, Путин го именувал за специјален претседателски пратеник за инвестиции и економска соработка со странство. Тоа се случило само неколку денови по првата средба меѓу руските и американските претставници во Ријад, во која учествувал и Дмитриев.


Како што вели поранешниот руски дипломат, Борис Бондарев, денес Дмтриев е еден од клучните дипломатски канали на Кремљ. Додека рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров се занимава со американскиот државен секретар Марко Рубио, Дмитриев е задолжен за контакти со американскиот специјален пратеник Стив Виткоф.

„Дмитриев е каналот до Виткоф“, рече Бондарев и додаде: „Виткоф е ранлива, всушност многу ранлива алка во администрацијата на Трамп. Сите тие се релативно слаби, но тој е најслабата. Затоа Дмитриев доби задача да работи со него и да се обиде да го протурка рускиот пристап преку таа особено слаба алка“.

Како започнала кариерата на Кирил Дмитриев

Кирил Дмитриев, син на познатиот биолог Александар Дмитриев е роден во Киев. Сепак, се чини дека тој не го признава своето потекло – во интервју од 2021 година за независниот руски медиум „The Bell“, идниот руски преговарач инсистирал на формулацијата дека не е роден во Украина, туку во Советскиот Сојуз.

По дипломирањето на Универзитетот Стенфорд, тој кратко престојувал во Соединетите Држави, каде што, според официјалната биографија на веб-страницата на „RDIF“, ја започнал својата кариера во инвестициската банка „Goldman Sachs“ и консултантската фирма „McKinsey“. На крајот, одлучил да ја гради кариерата во Русија и Украина.


Во Русија, тој извршувал една од клучните функции во руско-американската компанија „Delta Private Equity Partners“, која располагала со околу 500 милиони долари. Во Украина, Дмитриев управувал со фонд во сопственост на зетот на вториот украински претседател, Леонид Кучма.

Дмитриев ја презел сегашната функција директор на Рускиот фонд за директни инвестиции во 2011 година. Таа организација била основана за да привлече западен капитал во земјата. Токму во оваа улога тој завршил на американската и европската листа на санкции на самиот почеток на војната во Украина.

Семејна врска со Владимир Путин?

Но, не само професионалните достигнувања го довеле Дмитриев во првите редови на меѓународните настани. Неговиот вистински капитал била неговата социјална мрежа – контакти што внимателно ги негувал низ годините.

Илја Шуманов, поранешен директор на организацијата за борба против корупција „Транспаренси Интернешнл Русија“, за ДВ изјавил дека врската со зетот на вториот украински претседател му ја отворила вратата на Дмитриев кон руската политичка и бизнис елита.


„Клучниот дел од таа мрежа беше Екатерина Тихонова, наводно ќерка на Путин, која е во блиски односи со сопругата на Кирил Дмитриев“, изјавил Шуманов.

Тој тврди дека врската меѓу семејствата Дмитриев и Тихонова оди подалеку од пријателство и дека семејствата се тесно поврзани.

Дмитриев бил член управните одбори на неколку големи руски компании, вклучувајќи ги и оние со значителна државна сопственост.

Кога Путин го забележал Дмитриев?

Дмитриев почнал да дејствува како посредник за време на првиот мандат на Трамп. Во 2020 година, „The Daily Beast“ го опишал како „човекот за пари на Путин“, кој има тајни врски со Џаред Кушнер.

Џаред Кушнер, зетот на Трамп и сопруг на Иванка Трамп, бил задолжен за претседателските надворешно политички задачи. Иако не е толку присутен во јавноста во вториот мандат на Трамп, Кушнер неодамна учествувал во креирањето на мировниот план на Трамп за Газа, а присуствувал и на мировните преговори за Украина во Женева.

За време на првиот мандат, Дмитриев и Кушнер разговарале за можни американски инвестиции во Русија – разговори кои на крајот не резултирале со големи проекти.


Но, како што вели Абас Гаљамов, политичкиот аналитичар и поранешен автор на говорите на Путин, Дмитриев станал важна фигура во руската надворешна политика во декември 2023 година, речиси две години по почетокот на големата војна во Украина.

„По почетокот на војната речиси не можел никаде да патува (поради налогот за апсење од Меѓународниот кривичен суд). Тоа чувство на изолација длабоко го загрижуваше, како и цела Русија. Тогаш Кирил Дмитриев ја презеде улогата на главен организатор на неговото патување во Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати“, рече Гаљамов.

Освен што го организирал самото патување, Дмитриев и неговиот суверен инвестициски фонд успеале да привлечат инвестиции од тие држави, што бил импресивен успех во период на одлив на западен капитал.

„Со други зборови, тој се покажа како исклучително ефикасен на меѓународната сцена“, додаде Гаљамов.

Дмитриев против Лавров

Гаљамов го гледа Дмитриев како личност склона кон решавање на несогласувањата меѓу САД и Русија преку компромис – за разлика од рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, кој е силен поборник на тврда линија.

„Кога Путин ќе почувствува дека вистински преговори се неопходни, на сцената стапува Дмитриев. Но во бројни ситуации Путин не сака да преговара. Лавров е одраз на тој начин на размислување“, истакна Гаљамов.


Тој додаде дека за време на последната посета на Москва на американскиот специјален пратеник Стив Виткоф, Путин разговарал со него без Лавров, но во присуство на Дмитриев и својот советник Јуриј Ушаков. Сепак и понатаму останува нејасно дали таквиот избор на Путин ја сигнализира идната насока на руската дипломатија.