Митко Јанчев бара промена на раководството во ВМРО-ДПМНЕ

Макфакс

16/07/2020

15:22

713

Големина на фонт

а а а

Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, по поразот на ВМРО-ДПМНЕ на изборите вели дека е време за промена на раководството во партијата.

Во изјава за бугарската агенција „БГНЕС“, Јанчев вели дека ова се четврти избори по ред на кои неговата партија бележи пораз, по локалните, референдумот и претседателските избори, следи и загубата на овие предвремени парламентарни избори.

„Јас воопшто не разбирам зошто не го признаваат Договорот за пријателство со Бугарија, како и Преспанскиот договор. Во принцип, ова е лоша политика и лошо раководство на ВМРО-ДПМНЕ. Мора да има приземјување на лидерството, вклучително и промена“, додаде Јанчев.

Според него, политичката состојба не е поволна како за ВМРО-ДПМНЕ, така и за СДСМ, бидејќи и двете партии добиле мал број гласови.

„Каква и да е победата, СДСМ ги доби гласовите. Нашата партија падна од 470.000 на 320-340.000. Дури и околу 300.000. Оваа бројка сама по себе докажува дека нешто не е во ред. Денес на ВМРО-ДПМНЕ му треба единство и сплотеност, за секој да може да работи правилно и слободно“, истакна Митко Јанчев.

На прашањето дали ќе се приклучи на промената на ВМРО-ДПМНЕ, Јанчев категорично одговори: „Да, ќе се придружам!“.

Градоначалникот на Кавадарци побара што поскоро да се формира влада за да може државата да функционира правилно под сите околности.



Спонзорирани линкови

Маркетинг