Точка ТВ: Ова се најинтересните факти за тигарот

Точка

29/06/2020

21:03

3.777

Големина на фонт

а а а

Тигар - најголемиот член на семејството мачки кои се најпознати по својата неверојатна моќ и сила. Датираат од периодот пред 2 милиони години, а во состојба се да убијат животно кое е два пати поголемо од нив. Ова се некои од најинтересните факти за едни од најстрашните предатори во природата.

Тигрите сакаат да ловат од заседа, па ако некое животно ги забележи и ги погледне во очи, тигарот веднаш ќе го загуби интересот и ќе тргне да бара нов плен. Научниците веруваат дека ова животно сака да го изненади пленот пред да го улови. Поради ова, во Индија многу луѓе носат маски со лице на задниот дел од главата. 

Кон крајот на 19-ти век во Непал во близина на Хималаите, една женка на бенгалски тигар започнала од заседа да напаѓа група на луѓе кои минувале низ џунглата, убивајќи ги моментално. Биле испратени војници и ловци да ја убијат, но тие единствено што успеале да направат е да ја избркаат на индиска територија.


Во Индија таа станала уште поагресивна, напаѓајќи цели села сред бел ден, по што на помош бил повикан искусниот британски ловец Џим Корбет. Тој во 1907-ма година успеал да ја застрела, по што тигрицата починала еден ден подоцна. Обдукцијата покажала дека има проблем со очите и животното не било во состојба да го лови својот природен плен. Билансот на жртвите изнесува неверојатни 436 луѓе.

На почетокот на 19-ти век ширум светот живееле над 100 илјади тигри, а денес ги има околу 7 илјади. Јужнокинеските тигри денес се најзагрозени со останати уште околу 100 единки. За нивното истребување најзаслужен е кинескиот диктатор Мао Цедунг кој наредил нивно истребување.


Тигарот е единствениот предатор кој често лови возрасни мечки. Тигарот ја лови мечката така што прави заседа на врвот на некоја карпа, по што откако ќе скокне врз мечката, шепите ги зарива во главата на мечката, а смртоносниот загриз го задава во пределот на 'рбетниот столб. Инаку, еден удар со шепа на тигар е толку силен што може на мечката да ѝ направи фрактура на черепот или да ѝ го скрши 'рбетот.

За разлика од другите видови на мачки, тигрите уживаат во капењето и често играат и во вода. Тие пливаат и по неколку километри.

Верувале или не, еден возрасен тигар во текот на една ноќ може да изеде дури 30 килограми месо.


Секој тигар на светот е уникатен и не постојат два тигри кои што имаат исти шари на крзното. Нивните шари се различни исто како и отпечатоците на прстите на човекот. Шарите не се наоѓаат само на крзното, туку и на кожата.

Женките раѓаат од две до шест младенчиња кои остануваат со мајката со или без помош од мажјакот. Младенчињата не можат да ловат се додека не поминат околу 18 месеци, а со својата мајка остануваат до три години, по што тргнуваат да бараат „своја“ територија.

За разлика од лавовите кои се борат до смрт за пленот, тигрите имаат кодекс на чест и го чекаат својот ред. Доколку се најдат заедно пред ист плен, истиот го делат меѓу себе.


Спонзорирани линкови

Маркетинг
назад до tocka.com.mk