„Кога добри луѓе горат во пеколот“: Вечерва светска премиера на филмот на Манчевски, а во пресрет на Сарајево Филм Фестивал – ексклузивно видеоинтервју за Точка ТВ

Точка

16/08/2026

14:58

372

Големина на фонт

а а а

Вечерва на Сараевскиот филмски фестивал ќе се одржи светската премиера на „Добри луѓе“, новиот документарен филм на Милчо Манчевски посветен на жртвите, преживеаните и тивките херои од трагедијата во Кочани.

Во пресрет на премиерата, Точка ТВ објавува ексклузивно видеоинтервју со Манчевски, кој зборува за создавањето на филмот, средбите со преживеаните и пораката скриена зад силната реченица: „Кога добри луѓе горат во пеколот“.

Вечерва на Сараевскиот филмски фестивал ќе се одржи светската премиера на „Добри луѓе“, новиот долгометражен документарен филм на Милчо Манчевски, кој им дава глас на преживеаните и на тивките херои од трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

Филмот е дел од Официјалната селекција на најзначајниот филмски фестивал во Југоисточна Европа и ќе се натпреварува за фестивалските награди.

Во пресрет на светската премиера, Точка ТВ објавува ексклузивно видеоинтервју со Милчо Манчевски. Тој зборува за причините поради кои решил да го сними „Добри луѓе“, за средбите со луѓето што ја преживеаја трагичната ноќ, за болката која не може целосно да се пренесе преку камерата, но и за обврската нивните сведоштва да бидат слушнати и запаметени.

„Кога добри луѓе горат во пеколот“ е реченицата што ја отвора суштината на филмот – суров судир меѓу човечката добрина и трагедијата што никогаш не смеела да се случи.

„Мојата прва мисла беше за жртвите, преживеаните и хероите, за тоа како никој од нас не може целосно да ја почувствува големината на оваа болка. Сакав да ги слушнеме најзасегнатите, да им дадам глас на добрите луѓе“, вели Манчевски.

Снимањето започнало само еден месец по трагедијата. Манчевски и минимална документарна екипа решиле да се повлечат во втор план и да им го отстапат централното место на личните сведоштва, зборовите и емоциите на преживеаните.

„Овој филм е нивен. Ние бевме таму само за да дадеме поддршка, да ги пренесеме нивните зборови, мисли, искуства и емоции“, објаснува режисерот.

„Добри луѓе“ не интерпретира и не суди – тој слуша. Со минималистички и воздржан филмски јазик, документарецот зборува за тагата, борбата за опстанок, човечката солидарност и потребата колективната трагедија да не биде потисната или заборавена.

Филмот е реализиран со приватни средства на Милчо Манчевски преку „Банана филм“, без финансиско учество на државата, а во соработка и со поддршка на Support Kochani. Дистрибутерите, продуцентите и режисерот се откажаа од добивката, а целиот приход е наменет за жртвите од Кочани.

Монтажер на филмот е Мишко Чунихин, директор на фотографијата е Иван Ивановски, автор на музиката е Игор Василев – Новоградска, а извршни продуценти се Татјана Ќурчинска-Пепељугоска и Лудовико Кантисани.

Продукција Точка ТВ / Видео монтажа: Ненад Смиљковиќ


Спонзорирани линкови

Маркетинг
назад до tocka.com.mk