Пендаровски: Нема да прогласам нова вонредна состојба

Макфакс

12/06/2020

12:32

2.108

Големина на фонт

а а а

Нема потреба од нова вонредна состојба, соопшти претседателот Стево Пендаровски.

Тој кажа дека ниту една од претходните четири вонредни состојби не биле воведени поради бројот на заразени и починати лица од коронавирус, туку за да може Владата да носи мерки во социјалната, економската и здравствената сфера.

„Споредбите за бројот на заразени се без основа, а за полициски час постои законска регулатива и не мора да се воведе вонредна состојба за тие мерки“, кажа Пендаровски.

Друга заблуда, додаде тој, е дека вонредната состојба има врска со датумот на избори.

„Да појаснам – избори може да се одржат и во вонредна состојба“, кажа Пендаровски.

Претседателот кажа дека добил информации од Владата дека се обезбедени доволни количини на медицинска и заштитна опрема, донесени се економски мерки за поддршка на националната еконимија за кои постои покритие во буџетот.

Исто така, кажа Пендаровски, Владата не поднела барање за продолжување на вонредната состојба.

Доколку не успееме да се договориме за изборите со опозицијата, тоа ќе значи влез во длабока политичка криза, која не е исклучено да премине во безбедносна криза, соопшти претседателот Стево Пендаровски.

„Знам дека повеќето од нашите граѓани не размислуваат за избори, меѓутоа избори во време на корона, која нема бргу да си замине, се потребни за избор на функционално Собрание и регуларна, а не техничка влада. Доколку не успееме да се договориме за изборите со опозицијата, тоа ќе значи влез во длабока политичка криза“, рече Пендаровски.

Тој ги повика лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски, уште денеска на лидерска средба, на која ќе се разговара за датумот за избори.

„Упатувам повик да седнеме уште денеска да ја решиме оваа ситуација со ставање на државните над партиските интереси“, рече Пендаровски.



Спонзорирани линкови

Маркетинг