Караџовски: Ќе издржам, цврст сум како куче

Точка

08/06/2020

17:46

4.523

Големина на фонт

а а а

Откако детално ги претстави бројките на заразени, починати и оздравени пациенти, епидемиологот Жарко Караџовски им испрати пораки на граѓаните и на политичарите кои го напаѓаат.

"Само тие што не биле на Инфективна клиника не знаат која е таа мачна атмосфера. Да сфатиме дека мерката за носење опрема и држење дистанца е основа која е во целиот свет. Да се здружиме сите и партиите на страна и политиката да стојат. Ние во Комисијата сме најголемите професионалци во државата, јас еве по четврти пат во Влада доаѓам, Венко ми е 13. министер досега, а сум бил член на сите комисии за заразни болести. Пред да ме опањкавате во медиуми, цврст сум како куче", порачал Караџовски, на прес конференцијата.

На прашањето дали чувствува одговорност за растот на заразени од коронавирус, Караџовски рекол дека не убил никого за да чувствува одговорност:

"Вирусот го има во оние семејства, на оние улици и во оние населби каде што не се одржува социјалната дистанца. И Господ не може да ни помогне ако народот не ги почитува мерките. Комисијата за заразни болести е стручно советодавно тело на Министерството за здравство и не е поврзана со Владата или со друго министерство или со политичка партија. Министерот Филипче може да не нè тангира воопшто, а и главниот Кризен штаб може секоја наша одлука да ја преиначи. За одлуките на Уставниот суд не се коментира, па така и јас ќе речам дека за одлуките на Кризниот штаб и на Владата не се коментира. Ние сме професионалци. Не сум убил некого за да чувствувам одговорност. Не сум направил кривично дело. Мојот став бил секогаш издржан, стручен и епидемиолошки", рекол епидемиологот.

Во врска со нападите од јавноста, Караџовски објасни уште еднаш дека Комисијата е советодавно тело на Министерството за здравство, а не извршно, додавајќи дека крајните одлуки ги носи Министерството за здравство и министерот Венко Филипче. Критиките од јавноста на негова сметка, според него, се неоправдани и непријатни, но во име на борбата против пандемијата тој е подготвен да ги издржи.

"Почитувани граѓани Комисијата изготвува свои протоколи и ги дава на министерот за здравство и на усвојување во Влада. Ние сме стручно, советодавно тело, ние не сме Влада, ние не сме луѓе кои директно донесуваме одлуки. Ве молам да ги почитуваме мерките за да можеме да испливаме од оваа вода. Да не дозволиме да си пресудуваме сами на себе, да воведуваме рестриктивни мерки кога сите држави се отвораат".

Потсетуваме, во последните 24 часа се направени 702 тестирања, а регистрирани се 127 нови случаи на Ковид-19.