Министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција ги соопшти најновите податоци во врска со ковид-19 во нашата земја, при што во текот на изминатата недела е направено тестирање на контактите на веќе дијагностицираните, како и дали ќе се донесе одлука за поторно воведување на полициски час во општините со најголем број на заболени.
– Екипите на центрите за јавно здравје интензивно работеа на терен во овие неколку кризни региони и оваа бројка што ја имаме е резултат на тоа, нешто што беше очекувано. Таквото таргетирано тестирање беше рана дијагностика за навремена изолација на сите контакти кои што се носители на вирусот во рамките на познатите кластери – рече министерот Филипче.
Тој додаде дека голем број од заболените се всушност заболени на семејни или на други собири, па со ваквата стратегија и тестирање, практично се изолирани сите контакти на заболените, а меѓу нив и оние кои што немале симптоми.
– Полицискиот час за викендов дозволи многу полесен пристап и брзо тестирање, што беше отежнато во мнгоу случаи претходно, а позитивно е што и покрај оној иницијален отпор кој што го имаше на некои места сега има навистина подобра соработка со граѓаните – изјави Филипче.
Министерот вели дека огромен број од новодијагностицираните се со лесна клиничка слика или се асимптоматски и од вкупниот број на хоспитализирани во овој момент само осум пациенти се на механичка вентилација.
– Сите пациенти, односно 65 проценти од новозаразените се поврзани од познат случај, а од нив 90 проценти спаѓаат во 41 калстер – рече Филипче.
Тој додаде дека од страна на Комисијата до Владата е доставен предлог, за што во текот на утрешната седница ќе се дискутира за евентуална растрикција на движењето.