Точка ТВ: Угостителските објекти повторно отворени - еве како денеска изгледаше еден скопски локал

Точка

28/05/2020

20:00

6.764

Големина на фонт

а а а

Денеска, после 75 дена повторно се отворија угостителските објекти, со мерките кои ги препорача владата за непречена работа.

Имено, денеска бевме во посета на еден од скопските локали, „Бистро Бар Барбакан“, за да видиме одблизу што се случува, на кој начин функционираат угостителските објекти, дали има интерес од граѓаните и колку новите мерки влијаат на нивната работа.

Сцената која ја затекнавме не беше воопшто загрижувачка, со оглед на тоа дека гостите во споменатиот локал се придржуваа до мерките кои се неизбежни, со цел да се спречи ширење на коронавирусот.

Најважната мерка до која секој од нас треба да се придржува во овие услови е социјалното дистанцирање, кое во скопските локали денеска беше сосема видливо. На секоја од масите во „Бистро Бар Барбакан“ имаше поставено средство за дезинфекција на рацете, а гостите пред да се послужат со храна, задолжително го користеа.

Она што исто така не може да остане незабележано е тоа што угостителите се едногласни кога станува збор за последиците од промените, со кои ќе се соочуваат во идниот период, почнувајќи од денеска, поради новите воведени мерки за претпазливост во угостителските објекти. Поконкретно, капацитетот во нивните објекти треба да биде преполовен, па со самото тоа е многу видлив економскиот проблем, со кој и понатаму ќе се соочуваат.

Инаку, инспекторатите нема да ги казнуваат гостите во угостителските објекти, туку фирмите, доколку не се почитуваат протоколите за работа, најави директорот на Пазарниот инспекторат, Стојко Пауновски.

Тој кажа дека угостителите ќе бидат одговорни да бараат и лични карти од гостите, за да видат дали се од исто семејство, а со тоа, да ги сместат на маса со четири столици. Казнувањето ќе почне по 10 дневната едукација која ја најави претседателка на Инспекциски совет, Магдалена Филиповска-Грашкоска, но, доколку се забележи дека и по едно укажување на угостител тој повторно прави прекршок, тогаш ќе се казни веднаш.


Автор: Цеце Николова
Видео и монтажа: Ненад Смиљковиќ


Спонзорирани линкови

Маркетинг
назад до tocka.com.mk