Авионот со 107 патници во Пакистан се урнал врз куќи, најмалку едно лице преживеало

Точка

22/05/2020

22:40

990

Големина на фонт

а а а

Патнички авион на „Пакистан интернешнл ерлајнс“ што летал од Лахоре кон Карачи се урна во близина на аеродромот во Карачи, јавуваат локалните медиуми. Според извештаите, во него имало повеќе од 100 патници и се урнал во густо населено подрачје.

Според локалните медиуми, најмалку едно лице ја преживеало несреќата. Неколку куќи биле оштетени.

Различни информации се појавуваат за бројот на загинати. „Раша Тудеј“ прво ги пренесе зборовите на градоначалникот на Карачи дека нема преживеани, а малку подоцна дека најмалку еден патник преживеал.

Наводно, комуникацијата со авионот била прекината една минута пред несреќата.

Авионот се урнал во густо населена област околу 14:45 часот по локално време, набргу откако главниот пилот ја известил контролата на летот за технички дефект на авионот.

Авионот исчезнал од радарот непосредно пред да слета. Пилотот, наводно, рекол дека еден од моторите прекинал да работи.

Очевидци тврдат дека авионот кружел над градот и се обидел да слета на аеродромот трипати пред да се урне.

Осум лица се повредени и пренесени во болница, според некои медиуми, но нема официјална потврда за тие информации.

Портпаролот на „Пакистан интернешнл ерлајнс“ изјави дека во авионот се наоѓале 99 патници и осум членови на екипажот. Пакистанскиот премиер вети итна истрага.




Спонзорирани линкови

Маркетинг