Епидемиолошката слика во Словенија се подобрува, се отвора и туризмот

Макфакс

14/05/2020

13:55

633

Големина на фонт

а а а

Епидемиолошката ситуација поврзана со коронавирусот во Словенија се подобрува, така што беше објавено дека наскоро сите продавници ќе бидат отворени како дел од зголемената релаксација на рестриктивните мерки за заштита, а во тек се подготовки за започнување на туризмот.

Речиси два месеци по воведувањето на ограничувањата, сите продавници треба да започнат со работа во понеделник.

„Точно, ние не ја запревме целосно епидемијата, но ние сме на вистинскиот пат. По скоро два месеци ќе се укине значителниот обем на претходни ограничувања на трговијата и туризмот”, рече државниот секретар на словенечкото Министерство за економија, Симон Зајц, на прес-конференција во Љубљана.

Тој истакна дека од понеделник, сите продавници можат повторно да бидат отворени, вклучително и големи трговски центри. Исто така, на баровите и гостилниците им е дозволено да работат повторно, не само на отворени, туку и во затворени простори, се отвораат кујни, а се создаваат предуслови за отворање на туристички објекти.

За сите овие дејности, правило е да се обезбеди бесконтактен однос со потрошувачите и гостите или минимален контакт при давање услуги.

Од понеделник можно е повторно да се отворат сместувачките капацитети за туристи, и тоа оние со капацитет за сместување на максимум 30 гости, додека фитнес-центрите, базените и дискотеките остануваат затворени.

Во врска со прекуграничниот туризам, државниот секретар Симон Зајц изјави на онлајн семинар со туристички работници дека останува главниот напор на владата да ги отвори своите граници кон оние земји од кои доаѓаат повеќето гости во Словенија.

Откако Европската комисија донесе насоки за отворање на туризмот, Словенија ќе започне дијалог со соседните земји, како Австрија, па дури и со Германија, за чии патници Словенија е достапна по копно и се надеваме дека ќе биде доволно подобрена епидемиолошката слика и во Италија, рече Зајц во обраќањето пред туристичките работници.

Словенија и Хрватска веќе водат интензивен дијалог за условите за отворање на меѓусебната граница за туристички премин. Седумдневната мерка на карантин при враќањето во земјата се уште е во сила во Словенија, додека Хрватска ги укина ваквите мерки.



Спонзорирани линкови

Маркетинг