Спасовски, Османи и Димитров на видео конференција ЕУ-Западен Балкан

Макфакс

06/05/2020

14:13

646

Големина на фонт

а а а

Претседателот на Владата Оливер Спасовски, заедно со вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи и шефот на дипломатијата Никола Димитров, денеска преку видео-конференција ќе учествуваат на Самитот на ЕУ и Западен Балкан, кој годинава се одржува во организација на Хрватска како актуелен претседавач на Европската Унија.

На самитот, лидерите на земјите членки на Европската унија и лидерите за земјите од Западен Балкан ќе дискутираат за соработката за справување со коронавирусот и последиците од истиот, европската перспектива на земјите од Западен Балкан, како и посветеноста на земјите од Западен Балкан на европските вредности и реформи.

„Во официјалната комуникација на Европската Комисија во врска со Самитот ЕУ и Западен Балкан, се истакнува дека регионот е составен дел на Европа и геостратешки приоритет за Европска унија, и се нагласува дека европската перспектива на целиот регион беше потврдена повторно во март годинава, кога земјите-членки ги одобрија предлозите на Комисијата за зајакната методологија за пристапниот процес и донесоа одлука за отворање на пристапните преговори со Република Албанија и Република Северна Македонија“, се наведува во соопштението за настанот.

На годинашниот Самит ЕУ-Западен Балкан Загреб 2020, покрај шефовите на држави и влади од Албанија, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Северна Македонија и Косово, ќе учествуваат и шефови на држави и влади на земји членки на ЕУ, а со самитот ќе претседаваат претседателот на Европскиот совет, Чарлс Мишел и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен.

Во работата на Самитот ќе учествуваат и хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, Јосеп Борел, високиот претставник за надворешни работи и безбедносна политика, Дејвид Сасоли, претседателот на Европскиот парламент, како и претставници на Европската банка за обнова и развој, на Светската банка, на Европската инвестициска банка и на Регионалниот совет за соработка.



Спонзорирани линкови

Маркетинг