Венко Филипче за “Глас на Америка”: “Ние сме земја која има спроведено најмногу тестирања на милион жители од сите земји во регионот”

Точка

03/04/2020

20:14

2.534

Големина на фонт

а а а

“Глас на Америка” објави интервју со министерот за здравство, Венко Филипче. Во интервјуто, Филипче зборува за капацитетот на државата да се справи со евентуално излегување на ситуацијата од контрола, за реалната бројка на заболени од вирусот, за масовното тестирање во одредени региони и многу друго.

На прашањето како го оценува досегашниот тек на развојот на настаните поврзани со коронавирусот во државата и за бројката која се очекува да се достигне, министерот вели дека е многу важно да се избегне сценариото кое се случи во Италија, а кое сега се случува во Шпанија. 

“Пикот, според проценките на епидемиолозите и нивните анализи, и согласно начинот на откривање на пациентите и нивниот број, очекуваме да биде на крајот на месец април. Можно е да бидат хоспитализирани меѓу 2.000 и 2.500 пациенти. Дотогаш, многу е важно дали ќе има одреден број на пациенти на кои ќе им биде потребна хоспитализација, или ќе има пациенти кои ќе можат да се лекуваат и во домашни услови. Многу е битно да се избегне сценариото кое се случи во Италија, и кое сега се случува во Шпанија. Тоа се сценарија во кои огромен број на пациенти ги оптоваруваат капацитетите на болниците, посебно одделенијата за интензивна нега. Постепен прием на пациенти, пред се` пациенти во рана фаза на болеста и кои не бараат третман во одделенијата за интензивна нега, е нешто што сакаме да го постигнеме”, вели Филипче.

Министерот зборувал и дека се соочуваме со линеарен пораст на бројот на пациенти како резултат на мерките и дека тоа е нешто што нашиот здравствен систем може да го издржи.

“Нашите капацитети се спремни. Инфективната клиника, дополнителниот капацитет на мобилната болница, и понатаму како следен чекор болницата „8 Септември“, се доволен број за третман на овие пациенти. Во таа смсила, доколку продолжи овој тренд, нашиот здравствен систем добро ќе се справи со оваа болест”.

Во јавноста се појави и сомнеж за реалноста на бројката на заболени во нашата земја, но министерот вели дека бројката која се објавува е јавна и дека тоа е критериум кој потекнува од препораките на СЗО.

“Тоа е критериум кој потекнува од препораките на СЗО, и ние тој број на регистрирани пациенти го пријавуваме во СЗО и имаме обврска тоа да го правиме секој ден. Тоа што во еден даден момент можеби е непозната, тоа е бројот на лица кои се носители на вирусот, а кои се асимптоматски. Токму во таа насока одат анализите и интервјуата на епидемиолозите, идентификување на примарните контакти на веќе дијагностицираните, со цел овие носители да се откријат во што порана фаза”.

Во текот на интервјуто, Филипче додава и дека Македонија е земја која има спроведено најмногу тестирања на милион жители од сите земји во регионот и дека само Словенија има повеќе од нас. Република Северна Македонија се наоѓа во првите 30-40 држави во светот по број на тестови на милион жители.До вчерашниот ден биле направени околу 4.100 тестови и повеќе од 2.000 тестови на еден милион жители, многу повеќе од Албанија, која има направено само 2.000 тестови досега на многу поголемо население.

На прашањето кога може да се очекува да се објави крај на епидемијата кај нас, министерот вели дека тоа се очекува кон крајот на месец април.

“После тоа да се надеваме дека на почетокот на мај веќе бројот на ново дијагностицирани пациенти ќе почне да се намалува. Но, секогаш во епидемиологијата оставаме простор и за одредена промена на овие бројки”, вели тој.

*Целото интервју прочитајте го на следниот ЛИНК.



Спонзорирани линкови

Маркетинг