Кога точно се појави коронавирусот во Европа? Ова прашање најмногу ги мачи научниците, а една теорија вели уште минатата година

Точка

29/03/2020

14:07

2.904

Големина на фонт

а а а

Италијанските научници истражуваат дали повисокиот од вообичаениот број на случаи на воспаление на белите дробови и сезонскиот грип во Ломбардија во последната четвртина од 2019-та година е сигнал дека новиот коронавирус можеби се проширил од Кина порано од што се мислело.

Адријано Декарли, епидемиолог и професор по медицинска статистика на Универзитетот во Милано, рекол дека е забележан значителен пораст на бројот на пациенти хоспитализирани поради воспаление на белите дробови во областите Милано и Лоди меѓу октомври и декември минатата година. 

Тој рекол дека не може да дава точни бројки, но дека стотина луѓе повеќе од вообичаеното биле хоспитализирани во последните три месеци од 2019-та година во тие области - двата најтешко погодени градови во Ломбардија - поради воспаление на белите дробови и симптомите кои ги предизвикува грипот, и дека некои од нив починале.

Декарли проучува болнички извештаи и други клинички документи за тие случаи, вклучувајќи ги и тие за лицата кои подоцна починале дома, за да се обиде да сфати дали Италија уште тогаш била зафатена од епидемијата на новиот коронавирус.

"Сакаме да утврдиме дали вирусот веќе бил во Италија кон крајот на 2019-та година и доколку бил, зошто останал незабележан релативно долг временски период - за да имаме појасна слика во случај да треба да се соочиме со втор бран на епидемија", рекол тој.

Светската здравствена организација тврди дека COVID-19, респираторна болест, бил непознат пред епидемијата да се појави во Вухан, во централна Кина во декември.

Декарли рекол дека кога неговото истражување ќе биде готово, локалните здравствени власти ќе можат да одлучат да бараат дозвола за ексхумација на телата на лицата со сомнителни симптоми.

Други експерти ја доведуваат во прашање хипотезата дека новиот вирус циркулирал во Европа пред крајот на 2019-та.

"Сметам дека е крајно неверојатно дека вирусот бил присутен во Европа пред јануари", рекол Пол Хантер, професор по медицина на британскиот универзитет Источна Англија, кој го следи развојот на пандемијата.

Хантер вели дека освен ако италијанските научници не добијат позитивни резултати од примероците земени од почитатите во тоа време, тогаш нивната теорија нема да има кредибилитет.

Тој додал дека, имајќи во предвид дека знаеме колку е вирусот заразен, и го споредиме бројот на пациенти без симптоми со бројот на оние кои се разболуваат, "незамисливо е да не сме имале прилично голема епидемија во Европа многу порано ако тоа навистина биле случаи на COVID-19".

Италија, која досега има најголем број на смртни случај на COVID-19 во светот, првиот случај на зараза го имала на 21-ви февруари, иако некои научници сметаат дека вирусот во таа земја почнал да циркулира најмалку еден месец порано.

"Вирусот бил тука од втората половина на јануари", рекол Масимо Гали, шеф на инфективната клиника на болницата Сако во Милан и професор на отсекот за биомедицински и клинички науки на Универзитетот во Милано.

Тој, меѓутоа, рекол дека веројатноста дека вирусот циркулирал во Италија пред јануари е "многу мала".

Џузепе Ремуци, директор на Институтот Марио Негри за фармаколошки истражувања во Милано, рекол дека некои лекари по општа пракса во Ломбардија пријавиле необични случаи на воспаление на белите дробови кон крајот на минатата година, кои сега изгледаат сомнително.

"Ниеден од тие случаи не е документиран како COVID-19 бидејќи немаше докази за постоење на COVID-19", рекол тој за Reuters.

Додал дека некои извештаи во научни списанија исто така навеле други научници да го постават прашањето дали е возможно вирусот да се појавил во Кина веќе од почетокот на октомври.




Спонзорирани линкови

Маркетинг