Филипче: Симптоми на коронавирус забележани кај вработен на Кардиологија, досега се заболени 17 здравствени работници на клиниките во државата

Макфакс

27/03/2020

15:40

2.378

Големина на фонт

а а а

Вработен на Клиниката за кардиологија пројавил симптоми на коронавирус, информираше на попладневната прес-конференција, министерот за здравство, Венко Филипче.

Вработениот немал комуникација со лицата кои се хоспитализирани на клиниката, туку работел во делот каде пациенти доаѓале за интервенција на срцето, соопшти министерот.

„Имавме случај на Клиниката за кардиологија. Еден од членовите на резервниот тим практично на работа пројавил симптоми. Ова е случка во делот на ангио салата, каде нема лежечки капацитети, туку дел каде пациенти доаѓаат само за интервенција на срцето“, рече Филипче.

Тој е дециден дека ќе има санкции ако некој свесно доаѓал на работа, иако имал симптоми на коронавирус.

„Во тој дел, лекарите во однос на контактот кон пациентите се целосно заштитени поради што таква е технологијата на работа. Но, доколку се потврди дека некој на работа свесно одел, а имал симптоми, тука ќе следат санкции“, потенцираше министерот.

Венко Филипче, посочи дека до вчерашниот ден имало вкупно 17 здравствени работници кои се заболени од коронавирус, а се дел од клиниките ширум државата.

Филипче вели дека тоа не е резултат на непочитување на протоколите, туку поради други причини.

„Точната бројка на заболени здравствени работници, во текот на вчерашниот ден беше 17, но јас ќе повторам, тоа се здравствени работници кои не биле свесни дека имаат контакт со некој заболен. И така имаме неколку случаи. Имаме едно такво сценарио кај нас на клиниките, понатаму во Куманово, каде тестот од пациентката бил негативен. Имаме работници кои се испитуваат од Кавадарци, апсолутната бројка воопшто не би ја земал како процент на здравствени работници“, рече Филипче.

Тој посочи дека досега, нема ниту еден сомнителен случај на заболено лице вработено на Инфективната клиника.

Министерот вели дека здравствени работници се посветени на пациентите, а за терапијата објасни дека се бара начин за организација на превозот за лицата кои се лекуваат дома до Инфективната клиника.

„Сите ќе ја добијат терапијата, имаме доволни количини за огромен број на пациенти кои треба да се лекуваат. Во овој момент се организира начинот на превоз од домашно лекување до Клиниката за инфективни болести каде што пациентите ќе се евалуираат, кардиолошки. Согласно тоа дали се кандидати за терапијата или не, ќе се направи листа. Таа треба да трае пет дена. Тие лица ќе се задржав во болница или ќе се организира превоз. Сакаме да избегнеме давање на терапија во домашни услови. Во Дебар, во болницата има сосема доволни капацитети“, рече Филипче.

Се чекаат резултати од 18 тестови направени од вработените во Заводот за рехабилитација во Козле. Таму сè уште течат и анкетите, како и анализите, за да се види дали некој имал контакт со заболено лице од коронавирус или, пак, бил во странство.

Ова следува откако 69-годишен тетовец, кој е неподвижен и лежел во заводот во текот на овој месец, се заразил од коронавирус.

„Во Заводот за рехабилитација во Козле траат анкетите и анализите. Земени се материјали на уште 18 вработени. По добивањето на резултатите ќе се направи план за работа на оваа установа, постои голема веројатност од понеделник да работи само амбулантскиот дел, со соодветен распоред на здравствени работници. Но, не се готови анализите, по завршување на тестовите, ќе се направи овој план“, рече министерот, Венко Филипче.

Ќерката на на 69-годишниот жител на Тетово преку социјалните мрежи посочи дека од понеделникот молела за лекарска помош за нејзиниот татко.

Таа вели дека не се знае како се заразил нејзиниот татко, а таа добила решение за самоизолација. Според нејзините пишувања, 69-годишниот тетовчанец бил хоспитализиран во Центарот за рехабилитација во Козле поради мозочен удар.

Седум лица заболени од коронавирус кои се хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести во Скопје се во потешка состојба, соопшти минситерот за здравство, Венко Филипче. Тој посочи дека таму моментално се лекуваат 41 лице.

„На Инфективна клиника се хоспитализирани 41 случај од кои 7 се во потешка состојба, но тие се респираторно независни, 27 се во средно тешка состојба и 7 имаат поблаги симптоми. Стабилна е состојбата и на пациентите во Штип“, рече Филипче.

Министерот посочи дека е добро што има линеарно покачување на случаите, односно нема зголемување на заболени.

Во изминатите 24 часа беа регистрирани 18 нови случаи на коронавирус во земјата. Од нив, 11 лица се инфицирани во Скопје, четири во Прилеп, двајца во Куманово и едно лице во Тетово. Со ова, вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со Ковид-19 до 12 часот изнесува 219 лица.



Спонзорирани линкови

Маркетинг