Спасовски: За мерките во услови на вонредна состојба граѓаните ќе бидат дополнително информирани

Макфакс

18/03/2020

17:32

649

Големина на фонт

а а а

Владата дополнително ќе ги информира граѓаните дали и какви рестриктивни мерки ќе донесе во услови на вонредна состојба, рече техничкиот премиер Оливер Спасовски како одговор на прашањето како ќе се обезбеди движење на работниците кои даваат услуги 24/7, доколку нивното движење се ограничи со полициски час за забрана за движење по 20 часот.

Тој посочи дека мерките што ќе бидат донесени ќе зависат од однесувањето на граѓаните, односно од проценката дали се почитуваат препораките.

„Информирав и на претходниот прес дека за секоја одлука поврзана со вонредната состојба што ќе ја носиме ќе ја информираме јавноста и врз основа на тоа ќе биде многу јасно кој и што ќе треба да прави доколку се донесе каква било одлука. Уште еднаш напоменувам, сите одлуки ќе зависат од тоа како сите ние се однесуваме. Ако почитуваме, ако ги следиме препораките, ако нашата лична заштита, и на семејствата и околината, ни е пред сè, тогаш сите ќе поминеме многу полесно. Ако не, тогаш ќе имаме и рестриктивни мерки, за коишто навремено ќе информираме“, рече техничкиот премиер Спасовски.

Претходно техничкиот премиер Спасовски ги повика граѓаните да бидат совесни и одговорни и да ги почитуваат препораките во интерес на превенција од ширењето на коронавирусот. Додаде дека во услови на вонредна состојба не застанува животот и функционирањето на стопанството и економијата. Но, како што рече, во вакви услови сите треба да бидат рестриктивни и ригидни во своето однесување во насока на заштита на јавното здравје.



Спонзорирани линкови

Маркетинг