Кристијан Фон Кенигсег потврди во разговор со екипата на Top Gear дека Jesko Absolut е подготвен за поставување на нов рекорд за максимална брзина кај сериските автомобили.
Швеѓанецот додаде дека најголемиот проблем за Jesko Absolut во овој момент не е поврзан со самиот автомобил, туку дека проблем би можеле да претставуваат возачот или лошата патека.
Како што вели Кенигсег, моделот Jesko Absolut е најбрзиот автомобил кој досега го направиле во компанијата и дека никогаш повеќе нема да направат ниту еден модел кој ќе може да му парира на потенцијалот на овој автомобил.
Да потсетиме, Jesko Absolut го користи неверојатниот 5,0-литарски V8 агрегат кој испорачува 1,280 коњски сили и 1000 Nm максимален обртен момент. Доколку се користи специјалниот бензин Е85, тогаш располага со дури 1,600 коњски сили и 1,500 Nm максимален обртен момент.
Кристијан Фон Кенигсег изјави дека врз основа на иницијалните тестови и дигитални мерења било утврдено дека Jesko Absolut е дефинитивно способен за брзина поголема од 500 километри на час.
„Не можеме ништо да кажеме за крајните лимити, но веруваме дека може да оствари далеку поголема максимална брзина од 500 километри на час“, изјави Кенигсег.
Тој ја искористи приликата да го „боцне“ и големио ривал Bugatti чиј модел Chiron Super Sport 300+ го држи актуелниот рекорд од 490 километри на час: „Сигурен сум дека Bugatti ја остварија брзината која ја претставија. Тоа што јас го прашувам е дали е тоа истиот автомобил кој ќе го добијат и купувачите, или е модифициран?“.