Еден повод и „милион “причини за посета на раскошниот град

Точка

03/02/2020

12:51

3.177

Големина на фонт

а а а

Чист град во секој поглед, лулка на културата, грациозен, освојува на прв поглед и нуди мир и спокојство како и музиката на голем број композитори родени во него. Ракометарите можеби немаа доволно среќа и мораа да се вратат, но Соња Алексоска Неделковска, Огнен Неделковски и нивниот син Филип, останале уште некој ден да ги слушнат сите приказни на Виена и да го почувствуваат духот на градот.

Кој беше поводот за посета на Виена?

- Во Виена бев со мојот син Филип и сопругот Огнен. Како верни поддржувачи на македонскиот спорт, особено на ракометот, ги следевме натпреварите на нашата репрезентација на европското првенство. Бидејќи бевме убедени дека ќе се пласираме и во вториот круг, предвреме купивме билети и за тие натпревари. За жал, нашите ракометари по првата фаза се вратија дома, а ние останавме таму. Сатисфакција ни беше тоа што гледавме врвен ракомет две недели.

Како новинарка си имала можност да многу да патуваш. Виена има многу приказни за раскжување,но што е она со што тебе те освои овој град?

- Прелетав три континенти, посетив многу градови, се воодушевував од нивната убавина, но секогаш посакував да се вратам дома. Се додека не ја посетив Виена. Овој град ме освои уште при првата прошетка низ тамошните улици. Мир и спокој. Секој мој чекор низ улиците во кои доминира барокната атмосфера на средниот век и царскиот живот на династијата Хабсбург, како да беше танц ,,на убавиот син Дунав“. Првпат во животот посакав да ја напуштам Македонија и да живеам таму.

Каде престојувавте?

- На ова патување не ни беа потребни претходни подготовки каде да шетаме и што да посетиме. Бевме гости на мојот прв братучед Драган Алексоски, кој живее во Виена. Бидејќи е многу скромен, јас ќе се пофалам во негово име. Работи во ИОМ, Виш Регионален Специјалист за Вонредни и Посткризни ситуации. Тој е првиот шеф на мисија на една агенција на Обединетите Нации од Македонија.

Во текот на две недели, секој втор ден бевме во салата Штадхале и следевме по три ракометните натпревари. Останатите денови ни беа резервирани за прошетки.

Кои историски знаменитости успеавте да ги видите?

- Виена е волшебна, по својата архитектура и култура. Едноставно не знаеш што повеќе те восхитува, дали историските знаменитости на некогашното Хабсбуршко царство или кулинарските благодети.

Сите прошетки започнуваат од плоштадот Штефанплац каде што се наоѓа и величевствената катедрала свети Стефан, најпознатиот симбол на градот. Во непосредна близина се наоѓаат палатата Холбург и Виенската опера. Благодарение на туристичкиот водич Катерина Нуссдорфер, Македонка која живее во Виена, зданијата ги доживевавме на посебен начин. Таа организира тури за посетители за кулинарските благодети на Виена, па на пауза ја пробавме захер тортата и австриската штрудла. Од нашата агенда би ги издвоила и прошетките низ дворците Холбург, Шонбрун и Белведере. Дворецот на Белведере е претворен во музеј со најзначајните дела на австриската уметност од средниот век до денес, но и со делата на француските импресионист Клод Моне, или холандскиот постимпресионист Винсент Ван Гог. Рај за сите сетила.

Но, тоа што најмногу нас не импресионира беше Куќата на музиката., интерактивен музеј кој на различни начини ги воведува посетителите во светот на музиката и звукот.

Покрај музејот на Виенската филхармонија и изложбите за великаните на музиката, Хајден, Штраус, Моцарт, Бетовен,Шуберт, посетителите имаат можност да го слушнат и почувствуваат светот од перспектива на ембрион во стомакот на мајката, самите да пробаат да свират на инструменти и на тој начин да ги осознаат принципите за настанувањето на звукот.

Раскажи ни ја приказната за Сиси Фајлхен.

- Особено се воодушевивме од минијатурните слатки наречени Сиси Фајлхен, кои се продаваа во мали кутии. Тие биле специјално правени од листовите на темјанушка. за Сиси, сопругата на австрискиот цар Франц Јозеф. Истиот вкус го имаат и денес. Елизабет од Баварија или Сиси во своето време била вистинска убавица и обожавана од народот. Била редовен посетител на слаткарницата ,,Демел“. Кога починала вработените во слаткарницата, во знак на жалост, носеле црнина. И денес вработените во ,,Демет“ носат работна облека во црно.

Вие всушност Стара Нова Година ја дочекавте таму, како?

- Стара Нова година ја пречекавме со бечка шницла во еден од најпознатите ресторани. Наздравивме со познато австриско вино во Лофт, сето тоа во режија на мојот братучед.

Кој специјалитет би го издвоила?

- Од тамошните специјалитети би го одвоилa кajserschmarrn. Ни го препорачас братучетката на мојот сопруг, Маријана Сопотска, која живее во Виена. Има ли нешто поубаво од прекрасен муабет со прекрасна жена, и полна софра во центарот на австриската претстолнина. Уживање.

Кои настани ги затекнавте?

- Би го издвоила и настанот ,,Фестивал на кафето“.Иако цената на влезниците за една особа е како да испиеш четири кафиња во тамошните локали, задоволството и импресиите не се опишуваат со збори. Дегустиравме кафиња произведени во земји од целиот свет. Никогаш нема да го заборавам вкусот на миксот на кафе, коктел и парфем од праска.

Имаат ли проблем Австријците како многу Европјани со загаден воздух?

- Виена изобилува со многу убавини, има богат културен живот. Но, ќе ги издвојам нештата кои мене ми се приоритет. Чист воздух и фантастична вода за пиење. Чисти улици, а ако случајно наидете на канта за ѓубре позади некоја зграда, ќе ве заслепи со сјајот на чистоатата. Не видов ниту едно залутано, напуштено куче. Не слушнав врева во метро. Ако, се случи некој да го покачи тонот, никој не се врти да го погледне. Во кафаните и локалите и преку недела има многу луѓе, но нема врева. И таму се чуствува спокојот. Лично се уверив во фразата ,,виенска школа,, кога станува збор за одност на луѓето кои живеат во престолнината на Австрија.


(А.В.)



Спонзорирани линкови

Маркетинг