Достовски до Филипче и Дуковски: Бидете како Атиџе, половина канабис за вас, половина за пациентите

Макфакс

24/01/2020

17:08

3.310

Големина на фонт

а а а

Пациентите на кои им е потребно маслото од канабис се сосема заборавени во предлог-законот за опојни дроги и психотропни супстанции, што го предлага Министерството за здравство, тврди Филип Достовски од здружението „Зелена алтернатива“.

Дали бизнис-интересот и долгорочниот економски бенефит од извозот на сув цвет од канабис се главниот мотив во моментот овој закон да помине пред Собранието, а регулативите за корисниците и за пациентите ќе почекаат подобри времиња, дебатираа министерот за здравство, Венко Филипче, Костадин Дуковски, претседател на здружението на производители на канабис за медицински цели „Мак канабис“, и Достовски.

„Црн хумор е да кажете дека ќе го истурите сувиот цвет од канабис ако законот не помине и не го извезете. Додека на илјадници пациенти им е неопходно маслото од канабис и се снаоѓаат на црниот пазар, вие правите закон кој единствено ќе го штити извозот“, вели Достовски.

Според Филипче, во иднина постои можност за надградба на законот со амандмани, во кои ќе се вклучи потребата на пациентите.

„Ние сме отворени за сите забелешки на овој закон, но во овој момент проценивме дека оние 700 вработувања и вложени 100 милиони евра во индустријата со извоз на сув цвет од канабис, ќе донесат економски бенефит од кој секако ќе имаат полза здравството и пациентите. Со регулативата што ќе се направи преку Агенцијата за канабис и соработката со слични институции во Европа, ќе можеме да преземеме искуства и да ја разгледаме натамошната еволуција на законот“, вели Филипче.

Дуковски, пак, се согласува дека сувиот цвет од канабис треба да биде достапен, како и правењето масло на домашниот пазар, но исто така смета дека државата во овој миг не е подготвена за системска заштита и правна регулација.

„Ние ќе извезуваме сув цвет за медицински цели. Јасно ни е дека и во Европа во многу земји функционира црниот пазар и дека има искуства на пациенти кај кои медицината кренала раце, маслото помогнало“, вели Дуковски.

Достовски вели дека е лицемерно тие да се повикуваат на европски искуства кога кај нас во секое маало и во секоја зграда има берем по еден случај каде што маслото е единствена надеж и лек, а луѓето мораат да ризикуваат и да се снаоѓаат на црниот пазар.

За регулативите, едукацијата на лекарите, истражувањата на Медицинскиот факултет и за другите контрадикторности што го следат овој закон, гледајте во целата дебата.



Спонзорирани линкови

Маркетинг