Годинешниот лауреат на Меѓународниот театарски фестивал „Св. Јоаким Осоговски“ во Крива Паланка е Тони Михајловски, еден од најзначајните актери на македонската театарска, филмска и телевизиска сцена, кој се прослави со бројни улоги и добитник на признанија за својот придонес во културата.
Крива Паланка повторно ќе живее во знакот на театарот. Годинешниот фестивалски аплауз е посветен на Тони Михајловски, едно од највпечатливите имиња на македонската театарска, филмска и телевизиска сцена, соопштија од општината.
Со повеќе од три децении богато творештво, бројни незаборавни улоги и автентичен актерски печат, Тони Михајловски, според наведеното, е избран за годинешен лауреат на 18. Меѓународен театарски фестивал „Св. Јоаким Осоговски“ во Крива Паланка.
„Неговиот творечки пат е обележан со исклучителна сценска енергија, силен темперамент и ретка способност за трансформација. Од театарската сцена до филмското платно, Михајловски создава ликови што не исчезнуваат со спуштањето на завесата, туку остануваат во сеќавањето на публиката.
Неговото име е запишано во значајни филмски остварувања како „Џипси меџик“, „Буре барут“, „Збогум на 20-тиот век“, „Балканкан“, „Панкот не е мртов“, „Парада“, „Трето полувреме“ и „До балчак“. За својот повеќедецениски придонес кон македонската култура е добитник на бројни актерски признанија, меѓу кои и наградата за животно дело „Петре Прличко“.
Во чест на лауреатот, на 28 септември 2026 година, со почеток во 12:00 часот, во салата на Советот на Општина Крива Паланка ќе се одржи свечена академија посветена на неговиот животен и творечки пат“.
Годинешното фестивалско издание носи богата програма, театарски средби и нови сценски доживувања, со кои Крива Паланка повторно ќе стане град на театарот, уметноста и големите актерски приказни.
Фестивалот е во организација на Здружението за промоција на театарската уметност „Театарски фестивал“ од Крива Паланка, под покровителство на Општина Крива Паланка и Министерството за култура и туризам, а во соработка со НУ Центар за култура Крива Паланка.
„Крива Паланка повторно ќе живее со театарот. А оваа година, фестивалскиот аплауз е за Тони Михајловски“.












