Атиџе за Точка: „Да не беше филмот јас никогаш немаше да бидам насмеана. Некогаш ми идеше, како да речам... да си го уништам животот“

Точка

24/01/2020

22:06

23.815

Големина на фонт

а а а

Тимот на Точка повторно ви носи уште една интересна содржина од моментално најактуелната и најпозитивна личност која може да ја запознаете - Атиџе Муратова.

Што и да се напише за неа ќе биде премалку, Атиџе едноставно е нашата најголема хероина. Многу пријатна, смирена, искрена, жена полна со енергија, исто како во филмот.

Бевме на “кратка ама слатка“ средба со неа, на која нѝ раскажа неверојатни моменти од нејзиниот живот. Зборувавме за периодот кога животот ѝ бил многу поинаков, впрочем, сите кои го гледале филмот „Медена земја“, знаат за каков живот зборуваме.

Атиџе вели дека сега постојано е во контакт со новинари, сниматели, сите сакаат нешто да ја прашаат, да ја прегрнат, да слушнат од неа некој убав збор. За неа тоа станува нормално секојдневие, за кое признава дека воопшто не ѝ пречи.

Сепак, интервјуата не се единствената новост во нејзиниот живот. Атиџе е среќна и поради новиот топол дом, покрај понудата за работа. За неа тоа е најдоброто и најубаво нешто што можело да ѝ се случи.


После филмот животот целосно ми се промени. Многу сум среќна сега, а морам да ви признаам дека најмногу среќна ме прави помислата на новата куќа! Се разбира здравјето е на прво место, но после здравјето, на второ место е мојот дом.“

Атиџе здравјето го става на прво место. Но, не само 'на збор', туку и во пракса. Таа навистина се грижи за себе, бидејќи, како што вели, ако не е здрава - ништо нема да може да прави. Сепак, тоа не значи дека никогаш не се разболела, или пак, дека болестите ја одминуваат неа. За разлика од нас, Атиџе секогаш сама се лекува и, веројатно претпоставувате со што...

Во 1994-та година кога бев со татко ми во Турција на гости - се разболев. Знаете, патишта, граници, студ - телото не можеше да издржи. Ептен ме бутна тоа, но, не отидов да лежам во болница! Се излекував сама - со мед, прополис и ракија! Исто, имав уште една неубава ситуација кога многу се разболев од крајниците и требаше да одам на операција. Ама си реков 'никако нема да одам, ќе се излечам сама - како што ме учеа кога бев мала'. И, баш така беше. Сама се излекував повторно, без никакви операции.


Љубовта е најстарата емоција на светот. Во наше, ваше или во нејзино време - таа отсекогаш е присутна. Културата во времето на Атиџе не дозволувала таа безгрижно да се заљуби и да стапи во брак со некое момче. Иако имало многу 'кандидати', таа никогаш не застанала на 'лудиот камен'.

Во мое време беше многу поинаку. Тогаш беше многу голем срам јас на татко ми да му речам дека ми се допаѓа некој. Никако тоа! Тогаш со стројници бараа некоја жена. Јас сум имала многу прилики од 14 години, па сè додека не ми се случи проблемот со куќата. И да сум сакала да се мажам, сум морала да ги кажам проблемите. Не можам да го земам на душа човекот. Помина многу време, и ете, не се омажив.“


Навидум е храбра, силна и полна со живот, но оваа топла и нежна душа, истовремено е и многу кревка. Пред да ја запознае филмската екипа многупати помислувала и на она, најлошото. Со грутка во грлото нѝ го открива и тој тежок период од нејзиниот живот: Да не беше филмот јас никогаш немаше да бидам насмеана. Некогаш ми идеше, како да речам... да си го уништам животот, си викав да се фрлам од некаде или да си направам нешто, ама одма ми текнуваше на мајка ми. Цело време си викав: 'а мајка ми кој ќе ја гледа, ај да не правам глупости.' Овие луѓе што ги запознав ми го спасија животот. Они ми беа поддршка, кога ќе ми дојдеа такви мисли во глава тие ми викаа: 'Немој Атиџе тоа чудо да го направиш, ти си многу повеќе од тоа' и одма ми беше полесно.“ 

Атиџе имала многу браќа, кои, по игра на судбината немале долг животен век. Но, пред Атиџе, се родило уште едно женско дете во семејството, кое исто така не живеело многу. Си ја отвори душата и ни ја раскажа несекојдневната приказна која пак неа ѝ ја раскажала нејзината мајка, за девојчето кое починало на само 8 години.


Мајка ми била бремена со сестра ми. Додека метела на чардакот, се лизнала и паднала 'седејќи'. Во тоа време немало доктори низ селото, а мајка ми била во 9-от месец, па ја прегледувале некои жени. Така сфатиле дека детето се превртело во стомакот. Таа од ден на ден станувала сè повеќе болна, од тага, дека мислела детето не е живо. Тогаш жените ѝ рекле дека мора да оди во болница, зошто тие не можат да ѝ помогнат да се породи, а веќе навлегла во 10-от месец од бременоста. Тогаш од Ногаевци до Велес оделе пешки, дека немало превоз, немало коли. Во болницата во Велес еден доктор ја пратил во Скопје, таму да се породи со царски рез. Детето било живо, а она дознала кога ѝ го однеле на доење. Првин не им верувала дека е нејзино - била убедена дека е мртво, ама докторот ѝ однел белешка дека е нејзино. Ама детето не живеело многу, на 8 години починало од сипаници. Детето било девојче и се викало Атиџе, а јас сум крстена по нејзе.“

Сите што го гледаа „Медена земја“, филмот кој е номиниран во две категории за Оскар, беа 'сведоци' на смртта на мајката на Атиџе. Но, Атиџе пред 13 години го загубила и нејзиниот татко. Вели дека тоа ѝ е најголемата болка во животот.


Татко ми почина во 2006-та година. Ден денеска не можам да го прежалам. Ниту мајка ми, ама со татко ми ептен бев поврзана. Само ме шеташе некаде. Де во Велес, па Скопје, он ме носеше и во Турција.. Многу ме сакаше, викаше: 'Едно живо женско дете да имам, доста ми е, курбан теле ќе заколам. Така и направи.“

Атиџе - душа исцрпена, бунар без дно од трагедии. Но, сјајот во очите сè уште ѝ е присутен. Секој би посакал да поседи и да помуабети со неа. Толку пријатна и едноставна жена, нешто што му недостасува на овој свет. Секој од нас треба да ја разбуди Атиџе во себе, за и ова парче земја да биде поубаво место за живеење. 


Автор: Цеце Николова
Фото: Маја Нестороска



Спонзорирани линкови

Маркетинг