Јанушев: Власта на свои фирми им поделила 31 лиценца за одгледување канабис

Макфакс

24/01/2020

14:39

1.970

Големина на фонт

а а а

Аферата со канабис-милионите на Заев покажува инфлација од лиценци на фирми блиски до власта и неконтролирано производство на марихуана, рече генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, кој обвини дека станува збор за бизнис со марихуана кој се претворил во рекет-машинерија.

Тој рече дека ВМРО-ДПМНЕ во 2016 година го донела законот за одгледување канабис за медицински цели, но СДСМ и Заеви практично, манипулирајќи ги потенцијалните и заинтересирани производители на канабис, создале рекет-машинерија преку која се собираат пари од бизнисмени што сакаат да одгледуваат канабис.

„СДСМ и Заеви, настрана од пропишаните одредби во законот, за само неколку месеци дозволија хиперпродукција на лиценци за канабис. Внимавајте, од мај 2016 до мај 2018 година се издадени само 5 лиценци за одгледување канабис и 2 лиценци за екстракција. А само во 2019 година Владата има издадено 31 лиценца за одгледување канабис, а 20-ина нови лиценци се во постапка и чекаат одлука од Владата за да ја добијат. Во истиот период исто така се издадени дополнително 2 лиценци за екстракција на канабис. Голем дел од овие фирми што добиле лиценци се поврзани, погодувате, директно со СДСМ“, вели Јанушев.

Тој појасни дека еден од условите да се добие лиценца за одгледување канабис е фирмите апликанти да поседуваат елаборат за одгледување канабис во рок од 5 години, како и која е намената на произведеното количество. Според информациите на опозициската партија, повеќето од овие 31 лиценца во 2019 година се издадени незаконски.

„Овие фирми имаат елаборати во кои јасно пишува дека ќе извезуваат произведен сув цвет од канабис, што практично и не е возможно во согласност со постојниот закон, каде што извоз на канабис е возможен доколку е завршена екстракција. Според нашите информации, Министерството за здравство не врши воопшто инспекциски надзор колку канабис е одгледан кај голем дел од компаниите, па огромна количина од канабисот се продава на црно за огромни суми, што докажува дека Заеви ја направија Македонија како Колумбија и Лазарат. Канабис-милионите на Заеви отвораат сомнеж дека постои и нелегално производство на марихуана. Прашуваме, дали е точно дека Заеви доделувале лиценци на блиски фирми до нив, без да поседуваат соодветен елаборат, па практично сега лиценците се незаконски?“, рече Јанушев.

Тој праша и дали е точно дека цената на една лиценца на Владата на СДСМ и на Заев чини од 300.000 до 500.000 евра, кои се плаќаат директно на рака кај луѓе блиски до власта.

„За два дена во декември, а на неколку дена пред оставката на Заев, доделени се 10 нови лиценци за производство на марихуана. Значи, 10 нови лиценци набрзина им се доделени на компании што се поврзуваат токму со Зоран Заев. Набрзина, шверцерски и со огромен сомнеж за милионски криминал. Деталите на компаниите ќе ги чуете во следниот период, но она што е сигурно е дека СДСМ си направи класична рекет-машина, каде што овие бизнисмени се принудени да ги купат лиценците од Владата за кеш, за сега повторно да се зборува во кулоарите на бизнисмените дека повторно им е баран кеш за да можел СДСМ да остане на власт и да го протурка законот“, рече Јанушев.



Спонзорирани линкови

Маркетинг