На плоштад Македонија осамна елка накитена со ѓубре – наместо лампиони, граѓаните наидоа на пластични шишиња и кутии од цигари

Точка

14/12/2019

11:34

3.963

Големина на фонт

а а а

Денеска на плоштадот Македонија осамна елка накитена со ѓубре, а зад оваа акција стои движењето за климатска правда “Fridays For Future”.

Елката накитена со ѓубре претставува протест поради фактот што град Скопје троши многу пари на новогодишни украси и декорации, а го запоставува проблемот со загадениот воздух. 

“Сите тие пари фрлени на новогодишни атракции нема да го сменат фактот дека отпадот, аерозагадувањето и урбаниот хаос се главната декорација секоја празнична сезона со години наназад. Вистинската елка е онаа малата, која не ја гледаме, но тивко не убива со нејзините отровни лампиони”, стои во објавата на официјалната Фејсбук страна на “Fridays For Future Skopje”.

Наместо лампиони, случајните минувачи можат да забележат елка накитена со натписи како “Урбанистичка мафија”, “РЕК Битола”, “Дрисла”, “Иловица”, како и празни пластични шишиња, кутии од цигари и други отпадоци.

“За новогодишни украси, по нашите податоци се потрошени 15 милиони денари, а од друга страна, годишно има 3.500 жртви заради загадениот воздух. Нас тоа не ни е фер и е многу поразително! Протестираме против ваквиот однос и потенцираме дека можат да се најдат бесплатни украси, па китиме елка со лампиони на кои што пишува ПМ10, со пластични шишиња, со ѓубре, со шишиња од млеко, од јогурт за да го покажеме нашиот револт кон трошењето пари на доста непотребни работи, кога од друга страна можат да бидат потрошени на нешто што буквално ќе го зачува нашето здравје, што ќе ни даде живот”, вели Јана Наскова од “Fridays For Future”, пренесува “Радио МОФ”.


Покрај герила акцијата, активистите делеа флаери за претстојниот протестен марш кој е закажан за следниот петок, на 20-ти декември со почеток од 17 часот пред Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП).



Спонзорирани линкови

Маркетинг