Индискиот капетан, кој управувал со авион на компанијата „FlyDubai“ во моментот кога копилотот го избодел со нож во очигледен обид да предизвика пад на леталото, е прогласен за херој, а неговите постапки со кои спречил катастрофа наидоа на пофалби од светските лидери.
Капетанот Смит Мачхар, кој потекнува од индискиот финансиски центар Мумбај, бил тешко повреден додека патниците се упатувале кон пилотската кабина и го совладувале напаѓачот среде драматичните сцени што се одвивале во средата, додека „Boeing 737“ нагло губел височина, наведуваат сведоци и израелските власти.
Поради нападот, авионот, кој превезувал 174 лица од Дубаи (Обединетите Арапски Емирати) кон Тел Авив (Израел), морал принудно да слета во Табук, во северозападниот дел на Саудиска Арабија.

Мачхар бил пренесен во болница и неговата состојба е стабилна, соопшти доцна во средата Амбасадата на Индија во Ријад, главниот град на Саудиска Арабија. Службениците на амбасадата биле во контакт со неговото семејство и со саудиските власти.
Индискиот премиер Нарендра Моди во четвртокот го нарече Мачхар херој.

„Соочен со најголема опасност и покрај тешките повреди, тој покажа огромна храброст и непоколеблива решителност да ги заштити животите на другите. Неговата храброст помогна да се спасат стотици животи и да се спречи голема трагедија“, напиша Моди на платформата „X“.
Во јавноста малку се знае за Мачхар, но според неговиот профил на „LinkedIn“, тој веќе околу четири години работи за компанијата „FlyDubai“. Пред да ѝ се приклучи на оваа авиокомпанија, поминал 11 години во „SpiceJet“, индиски нискобуџетен авиопревозник, каде што работел како постар капетан и капетан-инструктор за обука во лет.












