Сега е вистински џип: Претставен е новиот Mercedes GLA

Точка

12/12/2019

15:27

4.890

Големина на фонт

а а а

Германскиот премиум гигант Mercedes ја претстави новата генерација на компактниот кросовер GLA.

Моделот GLA е најмалиот во SUV семејството на Mercedes, осми по ред кој ја заокружи понудата на гигантот од Штутгарт во кросовер класата. За разлика од претходникот, според многумина GLA сега повеќе наликува на вистински џип - повисок е за дури 10 сантиметри, а иако е за 1,5 сантиметри пократок, сепак нуди повеќе простор за патниците на задната клупа.


Новиот GLA оди уште еден чекор понапред кога е во прашање безбедноста благодарение на современите помошни системи за возење кои му даваат поддршка на возачот.

Тука се напредните функции Driving Assistance пакетот и Active Brake Assist за автономно сопирање во ситуации кога возачот не реагира на време со цел да се избегне судир, или при брзина до 60 километри на час кога пешак се приближува до „зебра“.


Во внатрешноста на централната конзола доминираат двата големи екрани кои ќе бидат достапни во две верзии - или двата екрани со големина од 7 инчи, или пак едниот од 7, а другиот од 10,25 инчи.

Кога станува збор за погонот, моделот GLA 200 пристигнува со 1,33-литарскиот турбо-бензинец со 163 коњски сили и 250 Nm максимален обртен момент кој има систем на гасење на цилиндрите. Од 0 до 100 километри на час забрзува за 8,7 секунди, додека максималната брзина е 210 километри на час.


Врвот на понудата ќе биде AMG GLA 35 4MATIC со 2,0-литарскиот агрегат со 306 коњски сили и 400 Nm максимален обртен момент. Со 8-степенскиот автоматски менувач со двојно квачило, од 0 до 100 километри на час развива за 5,1 секунди.

Mercedes новиот GLA на јавноста ќе ѝ го претстави најверојатно во март на Саемот за автомобили во Женева.




Спонзорирани линкови

Маркетинг