МАРГИНИ: Управата за матични книги се изживува со лицето Икс, не му дозволува промена на полот

Макфакс

11/12/2019

12:46

789

Големина на фонт

а а а

Коалицијата МАРГИНИ информира дека Управата за водење на матичните книги на лицето Икс повторно му доставила решение со кое се прогласила за ненадлежна да ја промени ознаката за пол во матичната евиденција, со што, како што велат, ја погазува пресудата против Македонија на Европскиот суд за човекови права.

Од коалицијата потсетуваат дека и покрај тоа што уште во 2011 година транс лицето добило одобрение од Министерството за внатрешни работи за промена на името и презимето во личните документи, Управата го одбила неговото барање за промена на ознаките за пол и матичниот број. Од 2011 година случајот трипати се нашол пред Управниот суд, при што судот во два наврати ја усвоил тужбата на транс лицето и ја задолжил Управата да донесе законито решение врз основа на домашното законодавство и праксата на Европскиот суд за човекови права, односно пресудата „Х против Северна Македонија”.

„Управата продолжува да се прогласува ненадлежна спротивно и на одлуката на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен со која се потврдува дека токму Управата има надлежност да постапува во конкретниот случај, посебно имајќи предвид што досега Управата изврши промена во три други случаи. Врз основа на тужбата поднесена од правниот тим на Коалицијата МАРГИНИ и лицето Икс, во јануари оваа година Европскиот суд за човекови права донесе одлука против државата со која се утврди повреда на правото на приватен живот, а Управата при Министерството за правда беше посочена како одговорна за повреда на правото поради донесување на произволни одлуки во врска со барањето за промена на податоците. Во јуни оваа година, Владата ја задолжи Управата да постапи според пресудата на ЕСЧП и во најкраток рок да одлучи позитивно, и да дозволи промена на ознаката за пол. Очигледно, г-инот Јетмир Фета и неговиот тим не се согласуваат со овие одлуки, или пак со нечија партиска надлежност се сметаат за Богови, па и покрај утврдената повреда на правата на страна на лицето Икс, одбиваат да ја спроведат пресудата“, велат од Коалицијата. 

Од таму велат дека Управата, односно Јетмир Фета е директно одговорен за штетите што ги трпи лицето Икс и продолжува да го отежнува неговото секојдневно живеење. „Како резултат на ваквите произволни одлуки на кафкијански службеници, лицето Икс не може да се вработи и да заработува за живот без да го открие својот родов идентитет и да трпи дополнителна штета; не може да патува надвор од границите на државата, да добива, без страв и ризик од навреди и осуда, услуги во различни институции, да се движи слободно и еднакво како секој граѓанин на оваа, претпоставено, демократска земја“, велат од МАРГИНИ. 

Од таму бараат итна и неотповиклива промена на раководството на Управата и, како што велат, прекинување на молкот и толерирањето на вакви поединци кои газат врз правниот систем единствено како резултат на меѓупартиски договори во владината коалиција.