35-тиот американски претседател Џон Фицџералд Кенеди беше убиен на денешен ден, 22-ри ноември 1963-та година.
Од сите истакнати политички атентати во 20-тиот век, а ги имаше прилично многу, овој атентат е највпечатлив, не само поради тоа што беше убиен „пред камерите“ додека се возеше во отворен автомобил, туку и поради тоа што и денес, 56 години подоцна не се знае кој го уби.
Според службената верзија, во која 80% од Американците веруваат дека е заташкана, на 22-ри ноември 1963-та година во 12:30 часот по локално време, Кенеди во Далас бил убиен од снајпер од страна на поранешниот маринец Ли Харви Освалд. 70 минути после убиството, полицијата го апси Освалд.
Само два дена подоцна, додека Освалд бил пренесуван од градскиот во окружниот затвор, а камерите повторно снимаа, пред него излегува Џек Руби и пука во него. Освалд умира на пат кон болницата, а Руби завршува во затвор каде што умира во 1967-ма година.
За оваа, повеќе од сомнителна низа на случувања отворена е истрага која ја води таканаречената „Ворен комисија“, која после 10 месеци заклучи дека Освалд делувал „потполно сам“, исто како и Руби.
Звучи неуверливо? Поради тоа многумина не веруваат во „службената приказна“. Како прво, зошто Руби, инаку управител на ноќни и стриптиз клубови, го убива убиецот на Кенеди два дена после атентатот? Самиот Руби изјави дека го сторил тоа затоа што убиството на Кенеди го „погодило“, а сакал и да ја спаси госпоѓата Кенеди од доаѓање на суд каде што морала да се соочи со убиецот.
Теории на заговор
Сепак, многумина сметаат дека убиството на Кенеди е многу „подлабоко“ од тоа што е изнесено во јавноста. Имајќи ја во предвид магнитудата на ова случување, теориите за тоа кој навистина го убил Кенеди се навистина многубројни, од ФБИ, ЦИА, американската војска, потпретседателот Линдон Б. Џонсон (кој по убиството на Кенеди станува американски претседател), па се до Фидел Кастро, КГБ или друг надворешен фактор.
Сепак, еден податок е навистина сомнителен. Имено, Кенеди во 1963-та година наредува целосно повлекување на американската армија од Јужен Виетнам. Некои сметаат дека токму неговата одлука за повлекувањето на војската од Виетнам била пресудна, со оглед на тоа што војската на крајот не се повлекува, а веднаш следнат година започнува поинтензивната фаза од виетнамската војна.
Кога се зборува за војната во Виетнам, потојат повеќе актери кои можеби би сакале да го отстранат Кенеди и да ја продолжат војната. Тоа во секој случај им одговара на луѓето од воено-индустриската сфера, односно про-военото лоби. Таа теорија е разработена и во познатиот филм "JFK" на Оливер Стоун.
Исто така, многумина веруваат дека зад убиството на Кенеди стојат Кубанците, затоа што и Американците наводно имале неуспешни обиди за атентат на тогашниот лидер Фидел Кастро.
Постои и интересна теорија според која Кенеди бил убиен од Кубанците кои биле протерани од нивната земја по доаѓањето на социјалистите на власт. Тие биле бесни на Кенеди поради фијаското во 1961-ва година, односно пропаѓањето на американската инвазија на Куба. Еден токму од тие Кубанци кои живееле во егзил, Гиљермо Ново, со базука пукаше во зградата на ОН во Њујорк во 1964-та година додека говор држеше Че Гевара. Токму Ново бил директно поврзан и во контакт со убиецот на Кенеди, Ли Харви Освалд.
Меѓу останатите теории се и таа дека Кенеди бил убиен од шефовите на организираниот криминал, дека бил убиен од потпретседателот Џонсон, па дури некои сметаат дека атентатот бил организиран од тогашниот прв човек на ЦИА, Џорџ Х. Буш кој подоцна станува и претседател на САД.
Од останатиот странски фактор, секако не можат да биде изоставен и советски КГБ, а како мотив на тогашниот лидер на Советскиот сојуз, Никита Хручшов се наведува Кубанската криза и тоа што Советите биле приморани да го повлечат нуклеарното оружје од Куба.
Најмоќниот човек на светот...
Теории има многу и јасно е дека сите не можат да бидат точно, иако некои се преклопуваат. Факт е дека Кенеди е убиен и убиен е со причина. Дали некогаш ќе дознаеме кој е нарачателот на убиството? Можеби не. Но, убиството на тогашниот американски претседател е едно од најважните случувања во 20-тиот век, нешто што и натаму трае затоа што не е пронајден нарачателот.
Убиството на Кенеди дефинитвно ги потресе Соединетите Американски Држави и може да се каже дека ја промени историјата. Без оглед на тоа кој го нарачал убиството, атентатот потврди дека иако американскиот претседател се смета за „најмоќниот човек на светот“, сепак тоа не е така.
Околу него сепак егзистираат уште помоќни луѓе, ентитети, групи чии имиња ретко ѝ се познати на јавноста, но во хиерархијата на носењето на одлуки се на повисоко место, затоа што, како што се покажа, може да се нарача и изврши убиство на најмоќниот човек на светот. Тоа остана како траен потсетник и предупредување за сите оние кои подоцна ќе ја преземат функцијата.