Русија има капацитет да почне ограничен напад врз територијата на НАТО во секое време, изјави високиот германски воен функционер, генерал-потполковник Александар Золфранк.
Золфранк во интервју за „Ројтерс“ предупреди дека, гледајќи ги моментните способности и борбената моќ на Русија, таа земја „би можела да почне напад од мал обем врз територијата на НАТО уште утре“.
Генералот, кој ја предводи заедничката оперативна команда на Германија и го надгледува одбранбеното планирање, исто така ги повтори претходните предупредувања дека Русија би можела да почне напад од голем обем врз алијансата до 2029 година ако продолжи да се вооружува.
Зборувајќи во својот штаб, Золфранк рече дека и покрај неуспесите во Украина, воздухопловните сили на Русија задржуваат значителна борбена моќ, а нејзините нуклеарни и ракетни сили остануваат непроменети.

Иако Црноморската флота претрпе загуби, другите руски флоти, рече тој, не се намалени, а копнените сили трпат загуби додека Русија се стреми да го зголеми вкупниот број војници на 1,5 милиони.
Неодамнешните упади со беспилотни летала во полскиот воздушен простор ги зголемија загриженостите на Западот за можна ескалација, рече Золфранк.
Германија планира да ги прошири своите вооружени сили за 60.000 војници, со што вкупниот број на воен персонал ќе достигне речиси 260.000.
Тој објасни дека три фактори – руската воена сила, воениот рекорд и лидерството – ја одредуваат можноста за напад, но дека конечната одлука во голема мера ќе зависи од однесувањето на западните сојузници.
„Овие три фактори ме водат до заклучок дека рускиот напад е можен. Дали тоа ќе се случи или не зависи во голема мера од нашето однесување“, рече тој.

Генералот исто така предупреди на хибридните тактики на Москва вклучувајќи ги и нападите со беспилотни летала како дел од нелинеарното војување, кое, според руската доктрина, претходи на употребата на конвенционално оружје и вклучува закани за употреба на нуклеарно оружје, што го опиша како војна на заплашување.
Целта, додаде тој, е да се предизвика несигурност, да се шири страв, да се предизвика штета, да се шпионира и да се тестира отпорноста на алијансата, заклучи Золфранк.











