Министрите на Трамп: Обновливите извори на енергија се бескорисни, ЕУ треба да купува наша нафта

Макфакс

07/11/2025

19:34

214

Големина на фонт

а а а

Глобалните инвестиции во обновлива енергија се покажаа како залудни и светот треба да се фокусира на сигурно снабдување со фосилни горива, изјавија оваа недела американските министри за енергија и внатрешни работи, обидувајќи се да ја убедат Европа да купува повеќе американска нафта и гас, објави денес Ројтерс.

Соединетите Американски Држави станаа водечки европски снабдувач со нафта и гас, а американските компании се стремат да го зголемат тој удел во време кога Европската Унија сака целосно да го прекине преостанатиот увоз на руски енергетски производи.

Пораката од американските претставници на енергетската конференција во Атина оваа недела го нагласува пресвртот во политиката на САД под администрацијата на Трамп, која ги олесни еколошките прописи и ја истакна „доминацијата“ на нафтата и гасот како централен двигател на американската економија и меѓународното влијание.

„Едноставно не функционира“, рече американскиот министер за енергетика Крис Рајт за префрлањето кон обновлива енергија на конференцијата, каде што американските компании објавија договори за снабдување и дупчење за гас во Европа.

Тој истакна дека светот потрошил помеѓу 4 и 8 билиони долари за поврзување на сончевата и ветерната енергија со мрежата, но дека минатата година таквите извори сè уште сочинувале само 2,6 проценти од глобалната енергија.

Рајт, исто така, рече дека сака САД да ја заменат „секоја молекула“ руски гас што сè уште тече во Западна Европа.

САД произведуваат над 20 милиони барели нафта и течни нафтени деривати дневно, односно секој петти барел во светот.

Изјавите на САД се во остра спротивност со целите на голем број земји од ЕУ, кои оваа недела се согласија да ги намалат емисиите за 90 проценти до 2040 година во споредба со нивоата од 1990 година, иако ова беше ублажено во споредба со претходните цели