Четкар: Њујоршкиот Централ Парк во есен е помистичен и интимен

Точка

18/11/2019

10:49

2.609

Големина на фонт

а а а

На 22 ноември ќе настапи во Скадарлија, Чикаго. Кон крајот на декември во Скопје и Охрид, а за Нова Година очекувајте го во клубот Станица 26. Но, претходно Владимир Василевски, вам попознат како Четкар, има друга задача, да не прошета низ њујоршки Централ Парк, бидејќи вели дека бил посебен во есен.

На кратко ќе ѕирнеме и во Њујорк. Верувам дека ова ќе биде една од најубавите задачи за него и најубава прошетка за вас читателите на Точка. 

Како би го опишал њујоршкиот Централ Парк во есен? 

- Њујоршкиот Централ Парк е еден од најубавите урбани паркови во светот и воедно најпосетениот парк во САД. Убав е во сите сезони меѓутоа во есен е посебен токму поради интензивните есенски бои, кои на паркот му додаваат огромна доза на романтика и носталгија.

Инспирација ли е за еден уметник?

- Инспирација е не само за уметниците, туку за сите луѓе без разлика каква професија имаат. Паркот изобилува со услови за спортско рекреативни активности, прекрасни глетки и панорами од Менхетен, а неговата локација и непосредна близина до некој од најубавите музеи во светот го прават идеален за културен туризам.


Посетен ли е како во летен период?

- Поради пониските температури на есен во Централ Парк има помалку гужва. Мене лично ми одговара, бидејќи паркот станува помистичен и секоја прошетка таму поинтимно ја доживувам.

Има ли правила кои треба да се почитуваат, како кај нас што не се почитуваат?

- Правила има буквално за се и сешто. Конкретно во целиот парк пушењето е забрането, а забранети се дури и електронските цигари. Алкохолот е забранет исто така. Има стриктна регулација кои патеки се за велосипеди, а кој за пешаци. Правењето скара или социјални евенти е дозволено само на одредени места и денови и сето тоа треба да е со најава и добиена дозвола. Ако се земат во предвид правилата кој веќе ги набројав можете да замислите какви ригорозни казни има за фрлање на отпад или уништување на дрвја. Исто така треба да напоменам дека иако ретко сепак во паркот се случуваат и несреќи од паѓање на стари дрва и гранки кои знаат да бидат со фатални последици.


Каква забава нуди паркот?

- Поради неговата локација Централ Парк нуди забава од секаков тип. Има мал милион патеки за пешачење, џогинг и велосипедизам. Исто така има спортски терени за повеќе видови на спорт. Покрај преубавите стари дрва и споменици има и девет шармантни езерца кој во себе ја рефлектираат прекрасната Њујоршка архитектура. Прочуените музеи Метрополитен, Гугенхајм, музејот за природна историја како и многу други помали музеи буквално го опкружуваат паркот. Навистина на човек таму никогаш не може да му биде досадно.

А како би го опишал Њујорк во есен?

- Њујорк ми е омилен на пролет и на есен. На есен зајдисонцата се волшебни со интензивни црвени, жолти и протокалеви бои. Токму на зајдисонце кога Њујоршката Арт Деко Архитектура со своите шармантни кули го рефлектира тоа зајдисонце е моментот кој секогаш без исклучок ме освојува и инспирира. Реката Хадсон има една прекрасна патека за велосипедисти која скоро секојдневно ја возам од мостот Џорџ Вашингтон до Батери Парк. Преферирам да се движам во Њујорк, имајќи ја неговата уникатна панорама постојано пред моите очи.

Следна дестинација ти е Чикаго со убав повод? 

- Да, на 22 Ноември патувам за Чикаго, каде ќе настапам во Скадарлија. Таа вечер ќе предводам септет составен од американски музичари и ќе се претставам со програма од моите три студиски албуми.

А кога да те очекуваме во Македонија?

- Во Македонија се враќам кон средината на декември и ќе имам серија настапи во Скопје и во Охрид. За прв пат во Македонија овој пат ќе имам концерт и за Нова Година кој ќе се одржи во клубот Станица 26.

(A.B)



Спонзорирани линкови

Маркетинг