Претседателот на Турција, Реџеп Тајип Ердоган не ја исклучува можноста прекуграничната турска операција "Извор на мирот" да продолжи.
Тој изнел дека постои таква можност додека разговарал со новинарите во својот претседателски авион на враќањето од Унгарија, јавила денес телевизија NTV, пренесува "Itar Tass".
"Нема сомнение. Нема да застанеме додека и последниот терорист не го напушти регионот. Нема да ја напуштиме Сирија откако ќе заминат другите земји. Го поддржуваме територијалниот интегритет и единството на Сирија", рекол Ердоган на прашањето од новинарите дали воената операција би можела да продолжи.
Турскиот лидер рекол дека Анкара никако не сака да види распад на Сирија. Тој повторил дека Турција има право да изведува операции на основа на пактот од Адана.
"Доколку регионот не биде исчистен од терористички организации, ние ќе продолжиме со операциите на основа на пактот од Адана", изјавил Ердоган.