Авторот на филмот "Бранител на верата", Кристоф Рол, ја застапува тезата дека папата Бенедикт XVI е главен виновник за прикривањето на сексуалното злоставување на деца во Католичката црква, бидејќи му било поважно да го сочува сопствениот углед.
Џозеф Ратзингер, односно папата Бенедикт XVI, бил првиот папа од Германија по речиси половина милениум. Иако воодушевувањето од неговиот избор во родната земја било големо, овој конзервативен свештеник не уживал претерани симпатии. Десет години подоцна, довербата во Католичката црква сериозно му била нарушена поради прикривање на илјадници случаи на педофилија.
За германско-британскиот режисер Кристоф Рол тие два настани се тесно поврзани, па така во својот документарец "Бранител на верата", кој овие денови почнал да се прикажува во Германија, тој ја застапува тезата дека Ратзингер придонел за зајакнувањето на конзервативизмот внатре во Црквата, а со тоа и прикривањето на сексуалното злоставување на деца и заштита на извршителите. Рол смета дека на Католичката црква на чело со папата Бенедикт XVI и било најважно да го сочува сопствениот углед па дури и на сметка на жртвите, пишува "Deutsche Welle".
Потврдување на сведоштвата
Во филмот се појавуваат бројни соработници на поранешниот папа, па така и малтешкиот надбискуп Чарлс Сиклуна, кој рекол дека Бенедикт не сфатал дека луѓето може да бидат во состојба да го издадат свештеништвото и светиот повик. Со таквите изјавил Рол ја потврдува својата теза за одговорноста на папата во криењето. Голема е одговорноста на папата за криење на случајот со Ирката Марија Колинс, која била силувана од свештеник кога имала 13 години.
"Навечер ме злоупотребуваше - телесно, сексуално, а следниот ден ми даваше нафора со истата рака со која ме злоупотребуваше", навела таа во филмот и додала дека по некое време ги известила надлежните во црквата, кои не биле шокирани од гревот на свештеникот, колку од тоа што "со грешната рака ја допирал нафората".
Верниците позитивно го оцениле филмот
Германската бискупска конференција порачала дека тој филм не е сериозен. Портпаролот Матиас Коп тезата на Рол ја нарекол погрешна интерпретација и истакнал дека Бенедикт XVI воспоставил посебно казнено собрание за заштита на верата и отпуштил повеќе од 380 свештеници кои сексуално злоставувале деца и се состанувал со жртвите.
"Тоа се премолчува и тоа го прави овој филм несериозен", рекол Коп, додека личниот секретар на поранешниот папа, надбискупот Георг Генсваин, жестоко го осудува филмот: "Тоа е свињарија, дебакл. Не можам да се изразам на друг начин".
Рол ги отфрла тие обвиненија и истакнува дека филмот добил позитивни критики "пред се кај католичките верници кои го прифатиле". Истакнал дека неговиот филм не е само портрет на Џозеф Ратзингер, туку и дека открива структури внатре во Католичката црква кои довеле до масовно губење на довербата. Смета дека Црквата не би доживеала штета ако Папата не одлучел да држи се подалеку од очите на јавноста. Тој својот филм го гледа како "придонес во конструктивната дебата", која, се надева, ќе почне меѓу црковните институции и верници.