Германија бара европска интервенција на турско-сириската граница

Макфакс

22/10/2019

17:04

2.103

Големина на фонт

а а а

Германската министерка за одбрана Анегриет Крамп-Каренбауер смета дека европските земји треба да испратат борбени сили во меѓународната безбедносна зона на границата меѓу Сирија и Турција, но не може да гарантира дека ќе учествуваат и германските трупи, пренесува „Брејтбарт“.

Предлогот следува откако турските трупи и сојузничките сириски борци го нападнаа северниот дел на Сирија, откако американскиот претседател Доналд Трамп ги повлече американските трупи кои соработуваа со сириските Курди против Исламска држава.

Крамп-Каренбауер во вторникот изјави за ДПА дека создавањето меѓународно контролирана безбедносна зона со вклучување на Турција и Русија ќе има за цел да ја деескалира ситуацијата во северна Сирија.

Таа рече дека е надвор од нејзините надлежности да вети германски трупи и германскиот парламент е тој што ќе треба да одлучи дали би можеле да учествуваат во таква зона. Таа, исто така, изјави за „Дојче веле“ дека канцеларката Ангела Меркел е информирана за предлогот.

Бундестаго, мора да ги одобри странските распоредувања на германската војска. Германската влада смета дека упадот на Турција во Сирија претставува кршење на меѓународното право, но досега ограничи само одреден воен извоз во Турција, заедно со други држави, вклучувајќи ги Шпанија, Шведска, Велика Британија и Канада.

„Не веруваме дека нападот врз курдските единици или курдската милиција е легитимен според меѓународните закони. Ако во меѓународното право не постои основа за таква инвазија, тогаш не може да биде во согласност со меѓународното право “, изјави за АФП во неделата министерот за надворешни работи, Хајко Маас.

Предлогот на Крамп-Карнбауер може да ги зголеми тензиите во владејачката коалиција на Меркел, бидејќи социјалдемократите отфрлаат каква било директна германска воена вмешаност во Сирија. Крамп-Каренбауер ја бранеше својата идеја, велејќи дека не може повеќе да ги слуша германските политичари кои велат дека се загрижени за насилството во Сирија без да дејствуваат.

Едно нешто што е сигурно е дека САД нема да пристапат кон ниту една воена безбедносна зона. Минатата среда Трамп рече дека конфликтот помеѓу Турција и Сирија е само меѓу две блискоисточни земји .

„Тие имаат проблем на границата, тоа не е наша граница “, рече претседателот. „Ако Сирија сака да се бори за својата земја, тоа зависи од Турција и Сирија. Сирија може да има некаква помош од Русија и тоа е добро. Таму имаат многу песок, значи, има многу песок со кој можат да си играат “.



Спонзорирани линкови

Маркетинг