Макрон ја напуштил пленарната сала во зградата „Европа“ во Брисел по жестоките критики од колегите за одлуката за Македонија

Нетпрес

18/10/2019

14:08

5.058

Големина на фонт

а а а

Темата за проширувањето била повторно отворена пред лидерите на земјите-членки, при што неколкумина премиери, според изворот на „360 Степени“, лично го критикувале Макрон за „неможност да ги согледа последиците од неиспорачувањето позитивен сигнал до земјите од Западан Балкан“. Притоа, францускиот претседател се налутил и ја напуштил пленарната сала во зградата „Европа“ во Брисел.

За потсетување, францускиот претседател Емануел Макрон на вчерашниот совет не попушти до крај. Тој одби секаков напредок во проширувањето додека не се измени методологијата на преговарачкиот процес, по што повеќето земји членки обвинуваат дека всушност не постигнувањето договор е поради Франција.

Холандија и Данска пак се изјаснија дека во никаков случај не сакаат да започнат преговори со Албанија.

Холандија пред речиси две недели даде зелено светло за Македонија но не и за Албанија, и тоа е единствениот услов, за Холандија прифатливо е единствено да се одвојат двете земји.

По неколку обиди за нацрт заклучоци, кон полноќ паднал француски предлог за компромис: да се одложи по четврти пат одлуката за пролетта 2020, пред самитот за Западен Балкан во Загреб. Опцијата била неприфатлива за повеќе земји кои сметаат дека не смее да има никакво одлагање, брифираат дипломатски извори, и дека одлуката „мора да се донесе денеска или утре“.

Поради ова земјите поддржувачи на проширувањето го одбиле францускиот предлог и одлучиле дека е „подобро да нема воопшто заклучоци отколку лоши заклучоци“, велат за МИА извори од земја членка на ЕУ.

Фајон: Франција игра валкана политичка игра

Европратеничката Тања Фајон вели дека Франција игра валкана политичка игра и дека кредибилитетот на Европската Унија е поткопан затоа што на Северна Македонија и на Албанија не им беше дадено зелено светло за почеток на пристапните преговори.

„Франција игра валкана политичка игра и се плашам дека сите ќе ја платиме цената. Ова е неприфатливо“, вели таа.

Фајон вели дека е многу разочарана што Европскиот совет пропуштил уште една можност да покаже дека проширувањето е важно и дека Унијата ги одржува ветувањата.

„Европската Унија повторно е заложник на Франција, која не разбира и продолжува да го поткопува интересот на ЕУ за Балканот“, коментира Фајон на „Твитер“.



Спонзорирани линкови

Маркетинг