Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган се огласи и порача дека започнува турската воена операција на североистокот на Сирија.
Потврдата на Ердоган за турската инвазија источно од реката Еуфрат во Сирија доаѓа непосредно откако американската армија деновиве потврди дека се повлекува од североистокот на Сирија, односно од територијата која што досега заедно ја контролираше со курдските "YPG" сили.
Дали има Турција „зелено светло“ за ваква агресија на Сирија? Турците тврдат дека имаат, Трамп го одобрил тоа, а Владимир Путин молчи и не сака да ги расипе односите со Анкара, иако „жртва“ на нападот е неговиот сојузник - Сирија.
Американскиот Конгрес, односно најголемиот дел од претставниците на Демократите, но и Републиканците, остро се противат на одлуката на Трамп да ја повлече американската армија, со што всушност тој ги остави своите сојузници - Курдите, на мета на Турција.
Не пропуштајте: Ќе го видат ли Сиријците крајот на војната? Ердоган најавува инвазија, Трамп се заканува, а Курдите најмногу страдаат!
Турските власти открија дека операцијата нема да ја изведе само турската армија, туку ќе се приклучат и припадниците на сириската милитантна организација „ФСА“, како и таканаречената Сириска национална армија, односно милитанти кои се под контрола на Турција.
Курдски извори пренесуваат дека веќе започнале воздушните напади на цивилните подрачја и дека се шири голема паника меѓу локалното население на кое му се заканува репресија и иселување од своите домови.
„Турските вооружени сили, заедно со Сириската национална армија штотуку ја започнаа операцијата „Извор на мирот“ против "PKK/YPG" и ИСИС на северот на Сирија. Нашата мисија е да спречиме создавање на терористички коридор во близина на нашата јужна граница и да донесеме мир на овој простор. Операцијата ќе ги неутрализира терористичките закани кон Турција и ќе доведе до воспоставување на безбедносни зони, што ќе им овозможи на сириските бегалци да се вратат во своите домови. Ќе го сочуваме сирискиот територијален интегритет и ќе ги ослободиме локалните заедници од терористите“, порача Реџеп Таип Ердоган на Твитер.
Како што е познато, сириските власти од Дамаск остро се противат на ваквата агресија која ги прекршува сите меѓународни закани и го повредува сирискиот суверенитет и национален интегритет.
Според нив, Ердоган акцијата ја користи само како параван за да ги избрка Курдите од своите домови, затоа што Исламската држава во Сирија веќе неколку години е всушност поразена и вооопшто не е активна, посебно на североистокот каде што џихадистите беа поразени токму од Курдите.