Државниот секретар на САД, Мајкл Помпео, пристигна во еднодневна официјална посета на Република Северна Македонија. На аеродромот во Охрид државниот секретар Помпео, со високи државни почести, беше пречекан од министерот за надворешни работи, Никола Димитров, и потоа, заедно со неговата придружба се упати кон Охрид на средби со дел од државниот врв.
Државниот секретар Помпео, во вилата „Билјана“, ќе се сретне со претседателот Стево Пендаровски, по што ќе следува и средба со премиерот, Зоран Заев.
По тет-а-тет средбата меѓу премиерот Заев и државниот секретар Помпео, е предвидена билатерална средба на која ќе присуствуваат и вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи и министерот за надворешни работи, Никола Димитров.
„На средбите со државниот врв ќе се разговара за соработката меѓу двете земји, за напредокот на Република Северна Македонија во процесот за членство во ЕУ и НАТО, како и за прашањата кои се однесуваат на стабилизација и просперитет на регионот. Во попладневните часови државниот секретар Мајкл Помпео и неговата придружба во која се помошникот државен секретар Филип Рикер и амбасадорката на САД во Северна Македонија Кејт Мари Брнз, ќе ја посетат црквата Света Богородица Перивлепта во Охрид, која што беше реновирана и заштитена со средства обезбедени преку програмите на УСАИД“, соопштија од Владата.
Државниот секретар Помпео вечерва од нашата земја заминува за Грција, откако претходно ги посети Италија, и Црна Гора.