Манчестер Јунајтед влезе во катастрофална серија на гостувањата каква што не се памети цели 30 години на „Олд Трафорд“, но статистиката не влијае воопшто негативно на Оле Гунар Солскјер, кој успеа да пронајде позитивни страни во прескромното издание кое го имаше неговиот тим на гостувањето во Холандија.
Јунајтед ремизираше со АЗ Алкмар на натпреварот кој се одигра во Хаг и за првпат во својата историја не испрати удар кон противничкиот гол на меч во Лига Европа, а иако неговите играчи не создадоа стопроцентна шанса, Солскјер по средбата потенцираше дека судијата не досудил чист пенал за еден старт над Маркус Рашфорд.
– Од 100 пати, тоа треба да биде пенал во 101 случај. Веќе не знам колку пати не добивме пенал оваа сезона. Тоа е фрустрирачки, но не можеме да направиме ништо. Тоа се случи и со Арсенал, можевме да имаме водство од 2:0, а денеска требаше да биде 1:0 со тој пенал. Тоа можеше да направи разлика во добрите перформанси кои ги имавме против многу добар тим кој неодамна го победи Феенорд со 3:0. Ова беше добар бод против тежок противник и на тежок терен, задоволен сум и среќен од изданието на момците. Што се однесува до одлуките на судиите, се надевам дека во иднина ќе се свртат работите на наша страна, – порача Солскјер, изјава која експресно стана топ тема во Англија поради лошото издание кое го имаше неговиот тим.
Првичното интервју на менаџерот предизвика и голема дебата на социјалните мрежи, каде фановите на Јунајтед воопшто не се согласуваат со заклучокот на Оле за одиграниот натпревар во Холандија.