Македонскиот вицешампион, Еурофарм Работник со одлична игра го сруши големиот Веспрем во Битола за најголема победа во својата историја.
„Фармацевтите“ славеа со 26-24 и на тој начин уште еднаш покажаа дека поседуваат квалитет и знаење да се носат и со најдобрите состави во Европа. Овој триумф секако донесе големо задоволство во таборот на нашиот проволигаш особено по оние неколку несреќни порази во ЛШ.
Токму оваа победа според тренерот Стевче Алушовски може да биде пресвртница во оваа натпреварувачка кампања.
– На вакво ниво игравме и на мечевите во ЛШ, ама правевме грешки. Се уште имаме проблеми, ама оваа победа може да ја смени сезоната. Работиме напорно за да бидеме блиску до големите клубови и ова е само почеток. Имам само комплименти за сите играчи и официјалните лица во клубот, -истакна Алушовски.