Еурофарм Работник воопшто нема среќа на натперварите во Лигата на шампионите, но затоа брилјира во СЕХА лигата, натпреварување во кое ова попладне го приреди и најголемото изненадување, а воедно ја оствари и својата најголема победа во историјата.
Тимот од Битола направи сензација во дуелото со европскиот вицепрвак Веспрем, особено во првото полувреме во кое Унгарците комплетно се загубија на жешкиот терен во Битола. Еурофарм воден од спектакуларниот Митревски на голот ги заврши првите 30 минути со шест голови предност, разлика која се покажа како довола за голема победа и искачување на првото место во својата група во регионалното натпреварување.
Репрезентативецот Митревски имаше незаборавно прво полувреме и со 10 одбрани ги откажа играчите на Веспрем, па пред се благодарение на него, нашиот претставник имаше водство од 14:8. Сепак, оваа разлика успеа да ја стопи Веспрем и дури комплетно да ја анулира на 14 минути пред крајот (19:19), но сепак домаќините смогнаа сили одново да се одлепат на плус три, предност која ја сочуваа во драматичниот финиш.
Стјепановиќ даде гол за 26:24 кога Веспрем тргна по израмнување, погодок кој се покажа како клучен за осигурување на величествената победа на битолчани.