Иако до претседателските избори во САД остана нешто повеќе од една година, предизборната кампања веќе драстично се заострува.
Овојпат во средиштето на жестоката битка помеѓу Доналд Трамп и најсериозниот негов противкандидат Џо Бајден се најде Украина, поточно новиот украински претседател Владимир Зеленски. Откако минатиот пат сите го обвинуваа дека соработува со Русите, сега Трамп посегна по Украинците за да го дискредитира неговиот противник.
За што станува збор? Доналд Трамп на 25-ти јули му се јавил на Зеленски и го замолил (некои американски медиуми го употребуваат терминот „уценувал“) да отвори истрага за бизнисите на Хантер Бајден, синот на Џо Бајден во Украина. За возврат Трамп му дал некои ветувања, но откако не добил позитивен одговор, еден месец подоцна го одложил испраќањето на 250 милиони долари воена помош за Украина.
Трамп му се јавил на Зеленски уште најмалку седум пати, а проблем настанал откако еден припадник на американската тајна служба го пријавил Трамп во службените канали за свиркачи, сметајќи дека со таквото однесување претседателот „ја загрозил националната безбедност“.
Но, од Белата куќа таа пријава одбиле да ја проследат до релевантните тела во Конгресот, што посебно ги разбеснило Демократите.
Демократскиот претседател на конгресниот Одбор за разузнавачки служби, Адам Шиф вчера изјави дека Трамп со тоа „го преминал Рубикон“, давајќи до знаење дека мисли дека станува збор за злоупотреба на овластувањата, нешто поради што Трамп би можел да биде отповикан.
Адвокатот на Трамп и поранешен градоначалник на Њујорк, Руди Џулијани призна дека и тој се обидел да ги натера Украинците да отворат истрага против синот на Бајден, а Шиф порача дека „предавството на сопствената држава е една работа кога тоа го прави „дворска будала“, а сосема друга кога тоа го прави човек што сака да стане крал“.
Хантер Бајден бил член на Советот на директори на британската енергетска компанија "Burisma Hodings" во сопственост на тамошниот олигарх Николај Злочевски, која инаку се занимава со истражување на гасните наоѓалишта во Украина.
Украинците тогаш (претседател беше Петро Порошенко), го вработиле Хантер за наводно да ја добијат наклонетоста на Џо Бајден кој кај претседателот Барак Обама бил задолжен за Украина. За неговите активности била отворена истрага, која потоа била отфрлена.
Сега откако излезе веста дека Трамп го притискал Зеленски да отвори истрага, на Украинците им стана прилично непријатно, па министерот за надворешни работи Вадим Пристајко се обидува да ја смири ситуацијата тврдејќи дека Трамп не вршел никаков притисок врз Зеленски.
Џулијани тврди дека Џо Бајден бил вмешан во корупција и токму тој го изнесе тврдењето дека против неговиот син не бил отворен процес поради притисокот на Бајден.
Од друга страна, Џо Бајден се огласи и порача дека притисокот на Трамп врз Зеленски е голем скандал кој не претставува ништо друго, освен злоупотребување на власта: „Да му се јавите на претседател на друга држава, која зависи од американска помош и да барате од него да ме истражува е крајно вознемирувачко“.