Лавров: Русија не е задоволна со примирје со Украина, потребни се обврзувачки договори

Макфакс

25/12/2024

14:12

474

Големина на фонт

а а а

Русија нема да прифати само воспоставување примирје во конфликтот со Украина, но потребни се правно обврзувачки договори за да се решат основните причини за конфликтот, најави рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров.

Тој рече дека на Запад и во Украина во моментот зборуваат само за примирје и како да му се овозможи на режимот во Киев повторно да акумулира сила со помош на Западот, со цел, според неговите зборови, да придонесе за стратешки пораз на Русија.

Во интервју за програмата „60 минути“ на ТВ-каналот „Русија 1“, Лавров додаде дека на Русија ѝ се потребни сигурни, правно обврзувачки договори, насочени кон елиминирање на главните причини за конфликтот, кои, според него, ги вклучуваат општата безбедност во Европа и проблемот со ширењето на НАТО. Тој најави и дека тоа подразбира почитување на правата на луѓето што живеат на териториите, а кои се изјасниле за повторно обединување со Русија, пренесува „Тас“.

Лавров рече и дека сите поврзуваат некои промени со доаѓањето на новата администрација во САД, администрацијата на Доналд Трамп, и дека има многу шпекулации за ова.

„Ние, како што реков претходно, немаме илузии. Во однос на поддршката на Вашингтон за режимот во Киев, нашата земја се квалификува како противник на кој мора да му се нанесе стратешки пораз. Во своите говори функционери од администрацијата на Бајден дури нè нарекуваа и непријатели“, рече Лавров, пренесува „Танјуг“.

Рускиот министер додаде дека поради оваа причина, Москва никогаш не дала изјави дека со доаѓањето на администрацијата на Трамп преговарачкиот процес за глобалната безбедност за Украина, дефинитивно, ќе почне.

„Тоа нема да се случи, како што сега многумина се надеваат. Ова е неизбежна реалност“, додаде рускиот министер.

Лавров најави дека Русија е свесна за интересот на Трамп, кој го назначи специјалниот советник Кит Келог за свој пратеник за Украина, да ја прекине оваа војна што е можно побргу. Секогаш сме се залагале да нема војна“, нагласи Лавров.